Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва од свечената академија по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј испрати порака за почитување на правото на идентитетот, јазикот, писменоста и културата на секој народ.
Во своето обраќање, Иванов рече дека е несфатливо како јазиците кои произлегле од оној на кој браќата Кирил и Методиј ја превеле Библијата се забранети да се користат и изучуваат во некои држави.
– Минале векови кога на нашите простори јазиците во различни империи се почитувале, негувале и развивале, без разлика дали биле пишувани на глаголица, кирилица, латиница или со грчката азбука. За денешни услови, несфатливо е на просторот од каде е земена основата за сите словенски јазици, да не се дозволува употребата на јазиците кои произлегуваат од таа основа. Да не се дозволува да се учат како мајчини јазици, истакна Иванов.
Според него, тоа на најавтентичен начин го потврдува и извештајот на специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за човекови права Геј Мек Дугал објавен во 2009 година.
– Последователи влади имаат опстојувано на политиката на негирање на македонската заедница и на македонскиот јазик… Одговорот на поранешните грчки влади беше да се потисне секаква употреба на македонскиот јазик и на културните активности. Во поново време жестоките тактики имаат престанато, но оние кои се идентификуваат како етнички Македонци се уште известуваат за дискриминација и заплашување. Тие сметаат дека од круцијална важност за нивното континуирано постоење е да постои почит за нивниот етнички идентитет и различност. Македонскиот јазик не е признаен, не се изучува и на него не се предава во училиштата, вели Мек Дугал во дел од извештајот, кој го прочита претседателот Иванов.
Осврнувајќи се на мисионерската дејност на сесловенските браќа, Иванов рече дека она што го направиле Кирил и Методиј е еден од првите примери на инкултурација, односно интеркултурно пренесување.
– Тие пренесоа знаење, не ја наметнуваа својата култура на други народи. Колонијализмот наметнува култура и не води сметка за културата на другите народи. Во денешниот свет на демократијата и човекови права, инкултурацијата е особено актуелна. Идеите за демократија и човекови права се универзални, но нивната реализација е секогаш одредена од културата на секој народ, нагласи Иванов.
Посетувајќи на учењето на Константин Филозоф дека секој народ има право на свој јазик, претседателот Иванов рече дека нашиот јазик и нашата света апостолска црква постоела и ќе се развива без оглед дали одредени кругови кои имаат светоглед исполнет со омраза и страв за различноста, во некои држави ја признаваат таа реалност или не.
На свечената академија, која се одржа под покровителство на претседателот Иванов, говореше и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ својот патронен празник и 1.150-годишнината од Моравската мисија годинава ги одбележува со низа активности. На најдобрите студенти во учебната 2011/2012 година им додели награди, а на пензионираните наставно-научни работници им врачи повелби. Во универзитетскиот кампус се одржа и молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј по што беше положено цвеќе пред споменикот на Кирил и Методиј.