Претседателот Ѓорге Иванов како покровител на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот“ денеска присуствуваше на спортско-културна манифестација во Кавадарци.
На манифестацијата децата преку најразлични игри и работилници учеа за спортскиот бон тон.
– Сведоци сме на немили настани на спортски натпревари кај нас и во светот и затоа е пожелно младите да учат како да се однесуваат како навивачи и како натпреварувачи. Ние сме мултиетничко и мултијазичко, мултирелигиозно општество и преку ваквите проекти младите се запознаваат и учат едни за други. Тоа придонесува за општата атмосфера во земјата. Сакаме Македонија да биде позитивен пример за тоа како треба да се биде пристоен на спортските терени, но и надвор од нив, истакна Иванов.
Американскиот амбасадор Пол Волерс нагласи дека ваквите активности имаат за цел поттикнување на толеранцијата и почитта кон другите, без разлика на расата, општествената класа или религија.
Проектот продолжува уште во шест други општини каде што младите ќе учат како да се однесуваат во спортот, но и во секојдневниот живот.
По Кавадарци, тој ќе се реализира во скопската општина Аеродром, во Валандово, Дебар, Росоман, Теарце и Центар Жупа. Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи -Геостратешки институт „Глобал“.
Проектот е поддржан од Амбасадата на САД, а покровител е претседателот Ѓорге Иванов.