Претседателот Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на церемонијата на свечено менување на државното знаме на Република Македонија.
На церемонијата, што се одржа на платото во Кабинетот на Претседателот, присуствуваа ученици од ООУ „Тихомир Милошевски“ од Ново Село, Скопје, од ООУ „Александар Здравковски“ од Јегуновце и од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ од општина Аеродром.
Во пресрет на 8 септември – Денот на независноста на Република Македонија, претседателот Иванов им се обрати на присутните и им го честиташе утрешниот празник.
– Пред 26 години, на 8 септември го остваривме нашиот вековен стремеж за слободна и независна македонска држава. 26 години вложуваме во нашата татковина, во безбедноста и сигурноста на нашите граѓани. Ја негуваме традицијата на соживот и на почитување на различностите. Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Успеавме да поминеме многу предизвици, и ќе има многу предизвици. Но, и нив само сплотени ќе ги надминеме, порача претседателот Иванов.
За иднината на нашите поколенија, додаде македонскиот претседател, мора да ја направиме Македонија економски силна, напредна и успешна држава. – Македонија членка на ЕУ и НАТО. Држава во која младите ќе можат да ги реализираат своите стремежи и да ги остварат своите соништа. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство, рече Иванов.
Шефот на македонската држава нагласи дека треба заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, за повеќе работни места и поквалитетен живот во државата. Според него, тоа може да го оствариме само со единство и одговорен пристап од сите, на кое најгласно не потсетува утрешниот голем ден.
Промената на државното знаме на Република Македонија пред Кабинетот на Претседателот на традиционален начин го изврши гардиската единица на Армијата на Република Македонија.
Манифестацијата на промена на државното знаме е со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Македонија како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.