Босанската страна да помогне за завршување на истрагата за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски побара денеска во Сараево претседателот Ѓорѓе Иванов кој е во официјална посета на Босна и Херцеговина.
Иванов побарал од надлежните органи во БиХ да помогнат да се дојде до вистината за смртта на Трајковски, да ги уважат стручните експертизи на Комисијата на Република Македонија и да преземат се што е потребно за затворање на истрагата.
– Го отворивме и прашањето кое стои се уште незатворено за случајот со смртта на нашиот поранешен претседател Трајковски за конечно да има институционална завршница за да не се создаваат шпекулации, изјави на прес-конференција по средбата со својот домаќин претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ.
Претседавачот Изетбеговиќ, пак, истакна дека босанската страна ќе помогне на секој начин оваа голема истрага да се заврши.
Во фокусот на разговорите денеска во Сараево беше и интензивирање на економската соработка меѓу двете држави што подразбира потпишување на повеќе билатерални договори меѓу кои и Договорот за избегнување на двојно оданочување.
Претседателот Иванов од своја страна ја афирмирал потребата да се реализира проектот „Јадранско-јонска магистрала“ и нејзино поврзување со коридорите 8 и 10. Апелирал овој проект да биде на највисоко ниво во агендата на двете држави.
Иванов и Изетбеговиќ искажаа поддршка за учество на македонски компании на Мајскиот бизнис форум што ќе се одржи идната година во Сараево.
Претседателот Иванов информираше дека Македонија и понудила помош на БиХ во однос на евроинтеграциските процеси преку потпишување спогодби.
Претходно беше потпишана Спогодбата за соработка во областа на здравството и медицинските науки.
Одговарајќи на новинарско прашање за писмото од грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос до шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, претседателот Иванов рече дека „со Република Грција имаме билатерален договор од 1995 година (Времената спогодба) и таа треба да се почитува“.
Шефот на државата ќе има средби во Парламентот на БиХ, а потоа средба со претседателот на Советот на министри, а предвидено е и да ги посети македонските претставници во АЛТЕА во базата во Бутмир.