Над 90 отсто од Ромите не поднесуваат жалба на добиено негативно решение поради недоверба во институциите, се вели во истражувањето „Искористеност на правата од социјална заштита од страна на ромската заедница”, подготвено од страна на Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.
Во изработката на истражувањето се користени три методи, преку прашалник реализиран од анкетари на „Ромалитико“ во 16 општини со што биле опфатени околу 950 испитаници. Целта на истражувањето била „да се опфати патешествието на просечниот Ром до искористување на неговите социјални права, вклучувајќи ги и детските права“. Во него е опфатен периодот пред да аплицираат, од каде се информираат и слично.
Во однос на пристапот до услугите од страна на Ромите, како што истакнаа од „Ромалитико“, добиле наод дека многу им е поважен пристапот до институцијата, односот на вработените до таа мерка што ако наидат на лош однос од вработен, тие нема да аплицираат за одредено право што им следува, што го оценија како алармантно.
Тие посочија дека добиле препорака оти треба да се работи на тоа да биде пократок периодот за добивање на одговор во однос на барањето за пристап до одредено социјално право.
Во министерствата за економија и за локална самоуправа, во институциите кои се однесуваат на урбанистичкото планирање во државата, како и во голем број на судови нема ниту едно лице од ромската заедница, се заклучува од извештајот „Правична застапеност во јавната и државната администрација”, кој беше презентиран денеска од страна на Институтот „Ромалитико“.
Од „Ромалитико“ истакнаа дека главната порака што произлегува од извештајот е дека треба да се започне со втора фаза на вработувања во државната и јавната администрација, кои што стриктно ќе се однесуваат на зголемување на бројот на вработување на помалобројните заедници, вклучително и на ромската заедница.
– Потребно е стратешко делување во однос на зголемување на бројот на вработени во државната и јавната администрација со воведување на програма за вработување која што ќе ги земе во предвид потребите на ромската заедница и да се направи вмрежување од кое што ќе може да произлезе програма за стратешко вработување на Ромите во државата, креирање на дата база која што ќе ги земе предвид стручноста и каков кадар произлегуваат од образовните институции – средно образование, факултет или слично, заедно со потребите во оние институции каде што има потреба да се работи за да се подобри состојбата на Ромите во државата, потенцираа од „Ромалитико“.