Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор против едно лице за кого постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, Телесна повреда, како и Загрозување на сигурноста.
Обвинителството тврди дека од кривичната пријава како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година, па се до 2 март кога оштетената – сега починатата Ивана Јовановски, донесе одлука да си го одзеде животот, сега осомничениот, нејзин сопруг со кој беше во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретираше постојано ја навредуваше, ја тепаше, ја понижуваше и и нанесуваше видливи повреди по целото тело.
– Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавуваa во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивираa во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се најде во безизлезна состојба и се одлучи на самоубиство, го зема во рацете детето и скокна од балконот на шестиот кат од станот во кој што живееше, паднале на бетонската подлога пред зградата и почина на лице место, велат од Обвинителството.
Истражителите тврдат дека на критичниот ден му претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво и се закануваше и започна да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место.
– Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеше кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжи да и се заканува дека ќе ја убие со што предизвика кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападна и и нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото. Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка и. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, на кого врз основа на обезбедените докази до овој момент му се ставаат на товар неколку дела кои се гонат во скратена постапка. Обвинителството продолжува да прибира докази за овој комплексен настан, па поради опасноста од бегство на осомничениот, можноста за влијание врз сведоци и вештаци и веројатноста тој повторно да врши кривични дела, надлежниот јавен обвинител оценува дека притворската мерка е неопходна за негово обезбедување во текот на постапката, велат од ОЈО.
