Истече рокот од десет дена во кој инвеститорот на дивоградбата кај Чинарот требаше да ја урне градбата, односно летната тераса која е платформа на пицерија. Општинскиот инспектор, утринава, постави жолта лента со која се ограничува пристапот до градбата, а в.д. градоначалникот Константин Георгиевски издал решение за мораториум на градбата. Во наредниот период, Општина Охрид, со своја машинерија треба да ја отстрани летната тераса. Инвеститор на дивоградбата во заштитеното градско јадро на плоштадот Чинар во Охрид е членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, од ДУИ.
Усеини нема одобрение за поставување на металната конструкција и платформата, но и покрај тоа, тој интензивно градеше на локацијата. Градежната инспекција при увидот констатирала дека на Усеини не му е издадено одобрение за поставување урбана опрема за 2019 година, но нема ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.
Дивоградбата кај Чинарот се појави викендот на 9 и 10 март кога градежни работници со багери и хилти ја урнаа старата платформа и почнаа да градат нова. Сите градежни активности беа нелегални, но инспекцијата на терен излезе десет дена подоцна.
Усеини како советник во Општината истовремено учествува во носењето на одлуките за легализација на градбите и поставување урбана опрема. Советот ја донел одлуката за поставување урбана опрема кај Чинарот во јануари годинава.
Кристијан Ландов