Искусни грчки новинари го коментираат Договорот меѓу Македонија и Грција

Од:

Потпишаниот Договор меѓу Македонија и Грција, што стави крај на 27-годишниот спор и затвори проблем што ги измачуваше двете земји, предизвика позитивни и негативни реакции во Грција. Како на ниво на медиуми, така и на ниво на политички партии и општество. Едни говорат за „национално предавство“, други за „историски момент“.

Искусни грчки новинари кои ги следеа, не само шестмесечните преговори меѓу двете земји, туку и случувањата меѓу Македонија и Грција во изминатите години, за МИА го коментираат договорот.

Александра Вудури од радиото Атина 984, Ангелос Атанасопулос од весниците „То вима“ и „Та неа“, Апостолос Мангириадис од телевизијата „Скај“, Николас Зирганос од весникот „Ефимерида тон синдактон“ и Стефаниа Мурелату од телевијзата „Антена“, во разговор со дописничката на МИА од Атина одговараат на прашањата, кои се позитивните, а кои негативните страни, што доби едната, а што другата земја.

Двете страни го добија она што го бараа

Двете страни имаа свои барања во преговорите кои на крај успеаа да ги добијат. Атина ги доби ерга омнес името со географска одредница, Скопје го доби јазикот и идентитетот, и едната и другата страна, направија отстапки, затоа што таков е компромисот, се заклучоците на новинарите од Грција.

Александра Вудури – радио „Атина 984“

– Овој договор е историски, затоа што става крај на еден 27 годишен проблем. Ако сѐ биде во ред до крај, ќе биде едно исклучително важно достигнување во надворешната политика и за двете страни, кои како што изгледа, покажаа смиреност и решителност. И јас се сомневав дека ќе се заврши, но на крај се покажа дека и двете страни ја занемарија политичката цена и треба тоа да го признаеме. Атина го доби името со географска одредница за севкупна употреба, додека Скопје го задржа достоинството на идентитетот на народот. Во сите преговори компромисот е основен предуслов. Единствена негативна точка е временскиот рок за спроведување на Договорот, што во голема мерка зависи од политичките случувања во двете земји.

Апостолос Мангириадис – новинар во ТВ „Скај“

– Договорот има позитивни и негативни елементи и за двете страни. Грција „го доби“ делот што се однесува на името, географската одредница на името Македонија, кое што де факто го имаше изгубено поради признавањето на соседната земја од 140 земји од светот. Ја доби употребата ерга омнес, името да биде за севкупна употреба, што беше црвена линија за грчката страна за време на преговорите. Секако останува прашањето дали останатиот свет ќе ја прифати одредницата „северна“ или силата на навиката ќе го наметне само Македонија. Времето ќе покаже. ПЈРМ од своја страна доби признавање на македонски јазик и македонско државјанство, прашања кои господата Заев и Димитров ги поставија како црвени линии за време на преговорите. Ова, според мое мислење ќе биде извор на конфронтации во иднина меѓу двете земји, бидејќи јазикот и државјанството претставуваат двете основни состојки на нацијата-државата. Доколку јазикот и државјанството беа признаени како „северномакедонски“ или „славомакедонски“, реакциите во внатрешноста ќе беа многу помали. Голема енигма од Договорот се трговските употреби од двете земји. Што ќе значи кога ќе се слушне за вино што се произведува во Македонија? Кога некој вели, дипломирав на Универзитетот Македонија? Комисијата за трговски знаци, но и останатите комисии за историските, културните и образовните прашања што се предвидени во Договорот, може да отворат нови поглавја во конфронтацијата меѓу државите.

Ангелос Атанасопулос – новинар во весниците „То вима“ и „Та неа“

– Договорот како и секој компромис е болен и за двете страни. Ако земеме дека клучното прашање што беше истакнато од грчката страна беше новото име да биде и за меѓународни и за внатрешна употреба (ерга омнес) што ќе биде гарантирано со уставна ревизија, тогаш нејзиното барање е задоволено.

Ако земеме дека ПЈРМ од своја страна бараше почитување на „македонскиот идентитет и јазик”, тогаш наводите за „македонска националност и јазик” , би требало да го задоволат нејзиното барање. Во минатото беа претставени и други предлози, но според моето лично мислење, овој предлог, иако „несварлив” е добар. За тоа колку е важен Договорот, ќе се види кога и доколку се исполнат сите предвидени фази и чекори.

Стефаниа Мурелату – новинарка во ТВ „Антена“

– Нема сомнеж дека спорот меѓу двете соседни држави требаше да се реши. Но, ниту може да се оспори дека нерешеното прашање траеше со години, во период во кој се формираа факти што не можат да се занемарат. Грчката влада бараше сложено име ерга омнес. Компромис за кој искрено им говореше на грчките граѓани. Нејзината цел беше да добие јасно разграничување на историската Македонија од античката грчка култура. Општо земено, го постигна тоа. Но, фактот дека одредницата „Северна”, не се поврзува со државјанството (на пример „Северномакедонци“) е точката од Договорот, за која сметам дека владата ќе биде тешко да ги убеди граѓаните, кои не се согласуваат, а и опозициските партии.

Николас Зирганос – новинар во весникот „Ефимерида тон синдактон“

– Тоа е Договор што требаше да се склучи пред многу години, за среќа, дури и сега, не е доцна. Тоа е урамнотежен Договор што гледа кон иднината, придонесува за стабилност во регионот, економски развој, отвора патишта за соработка и пријателство. Тоа е Договор во прилог на двата народа. Ципрас и Заев покажаа лидерство, смелост и покрај реакциите на радикалните и од двете страни, го сторија она што требаше да се направи. Секако станува збор за компромис, компромис што јас го сметам за чесен, со двајца победници, а победниците во главно се двата народа. Доказ дека Договорот е урамнотежен е дека тие што реагираат и во двете земји имаат исти аргументи. Говорат за предавство, за лош Договор, за тајна дипломатија. Не може и двете страни да се во право. Би рекол дека е карактеристично тоа што изјавите на претседателот на поранешната југословенска Република Македонија и на опозицијата во Грција, особено на Самарас, кога би ги смениле имињата, немаше да знаеме кој која изјава ја дал.

Двата народа имаат повеќе работи што ги обединуваат, отколку што ги разделуваат

Во однос на негативните реакции што постојат по потпишувањето на Договорот, грчките новинари велат дека двата народи имаат многу повеќе работи што ги обединуваат, отколку што ги разделуваат. Тие велат дека реакциите на грчката опозиција се чисто внатрешно-политички, бидејќи погледот им е насочен кон изборите и „ловот на гласачи“.

Николас Зирганос – новинар во весникот „Ефимерида тон синдактон“

– Сметам дека оние што реагираат, го претставуваат минатото, конзервативноста и стравот, мислам дека треба да одиме напред заедно, сите народи од Балканот на еден европски пат, пат на пријателство и соработка. Сѐ додека остануваме поделени, им служиме на други. Мислам дека оние работи што нѐ обедуваат се многу повеќе од оние што нѐ разделуваат. И тоа го сфаќа секој Грк што доаѓа во вашата земја и сретнува луѓе, нивниот секојдневен живот, како слават, како јадат, како пијат, како се радуваат. И секој граѓанин од вашата земја што доаѓа во Солун, на Халкидики, сретнува луѓе од мојата земја.

Александра Вудури – радио „Атина 984“

– Реакциите беа очекувани, но не до степен до кој очекував, особено од Нова демократија и нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис, кој е либерален политичар, трезвен, а не длабоко конзервативен, како други членови на партијата. Сметам дека реакциите на Нова демократија имаат јасна политичка цел, бидејќи партијата се бори за власт на следните избори и не сака да ги загуби нејзините изборни клиенти. Протестите, пак, ја немаат динамиката од некои други времиња и ние новинарите од двете земји имаме должност да ги потенцираме и позитивните ефекти од Договорот, што става крај на долгогодишниот спор меѓу двата народи, кои имаат многу повеќе заеднички работи, отколку што веруваат дека имаат. Договорот ќе донесе придобивки и за билатералните односи, но и за поширокиот регион на Балканот.

Апостолос Мингириадис – новинар во ТВ „Скај“

– Очекувана е позицијата на партиите од опозицијата. Кирјакос Мицотакис смета дека Договорот не е добар (критиката е во делот за јазикот и идентитетот). Ќе имаше огромен политички проблем ако сакаше да го поддржи, бидејќи мнозинството од неговата партија ќе се насочеа против него, а и ќе се соочеше со веројатноста дури и да се формира една нова партија во северна Грција со построги десничарски позиции. Исто така, ми изгледа логичен негативниот став на Движењето за промена, бидејќи ќе се стреми, особено во северна Грција одново да го врати големиот процент од гласачите кои масовно се насочија кон СИРИЗА. СИРИЗА ќе добие процент на гласачи кои позитивно гледаат на реалното насочување, но ќе изгуби процент на гласачи кои се противат на каква било употреба на терминот Македонија од страна на ПЈРМ.

Ангелос Атанасопулос – новинар во весниците „То вима“ и „Та неа“

– Едно толку тешко прашање, како политички, така и емотивно, предизвикува големи реакции. Тешко е да се надминат постоечките перцепции и да се формира доверба. Говорејќи конкретно за Грција, со години проблемот беше скриен под тепих. Ова, во комбинација со постапките на другата страна, создаде услови на одбивање за справување со проблемот. Патот кон конечно решение нема да биде лесен. Недостигот на доверба меѓу грчките политички сили нема лесно да дозволи консензус.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски