Ирска и Финска со отворена поддршка за евроинтеграцијата на Македонија

Од:

Владата покажа политичко лидерство и храброст со потпишување на Преспанскиот договор. Видлив е напредокот и посветеноста на земјата во повеќе области, а потребно е продолжување на реформите во правосудството, јавната администрација и борбата против корупцијата.

Ова денеска на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, го истакнаа ирската министерка за европски прашања, Хелен Мекенти и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Финска, Самули Виртанен.

Ирската министерка изрази восхит за лидерството и храброста што Владата ја покажала во регионот со потпишувањето на Преспанскиот договор и оти на тоа од европска гледна точка гледаат како на многу позитивен и значаен чекор, не само за земјава, туку и за Западниот Балкан и целиот регион на ЕУ.

„Со ова јасно се покажува дека во регионот, дури и најтешкиот проблем може да се реши, кога лидерите ќе покажат храброст и посветеност да се реши проблемот. Ирска е свесна за предизвиците што се пред вас, за прашањата поврзани со идентитетот и историјата затоа што ние минатата година ја прославивме 20-годишнината од потпишувањето на Договорот на Велики петок, и во суштина ги цениме предностите од решавањето на овие проблеми и истовремено и начините на кои може да се даде поддршка на младите да им се претстави една посветла иднина на нив и на следните генерации и мислам дека е навистина важно да го посетиме регионот и оваа земја пред да се донесе одлуката во јуни за почеток на преговори со ЕУ“, рече таа.

Додаде дека Ирска ќе продолжи да дава поддршка на земјава доколку ги продолжи реформите и го покажува напредокот, како и досега.

„Реформите можат да бидат тешки но сигурна сум дека е остварен напредок и граѓаните тоа го поддржуваат. Сето ова вреди и членството во ЕУ ќе биде трансформативно за целата економија на државата“, посочи Мекенти.

Државниот Секретар при МНР на Финска, посочи дека во Македонија се гледа силната посветеност што постои во земјава, желбата да се интегрира, да се приближи кон Европа и кон ЕУ.

„Финска од 1 јули ќе го преземе претседателството со ЕУ, и тогаш Македонија веќе ќе биде на важно место и веќе ќе може да започнеме со преговорите со земјата. Од Финска гледна точка ова е нешто што се сведува на праведност. Кога ќе видиме напредок, кога ќе видиме дека конкретните критериуми се исполнети, тогаш ЕУ мора да биде фер и лојален партнер на оваа земја, и да ги придвижи нештата напред“, рече Виртанен.

„Финска е пример за релативно мала земја која не се наоѓа во срцето на Европа географски, но сепак е многу конкуретна земја која извлече огромни придобивки од оној единствен пазар и од извозната индустрија, и се надевам во идинина ќе видим повеќе финско-македонски билатерални проекти, трговска соработка, и општа соработка“, истакна тој.

Османи од своја страна посочи дека Ирска и Финска отсекогаш биле поддржувачи на европската интеграција на регионот, посебно на Македонија, која пак има интерес да ја јакне и билатералната соработка со двете земји во повеќе сектори – здравство, образование, трговија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Невремето „Берт“ ја однесе првата жртва во Британија, илјадници без струја во Ирска

Катерина Ѓуровски

Захарова: Русија е секогаш подготвена за дијалог, а Финска треба да го напушти својот русофобичен курс

Пресврт по победата на Трамп: Финска реши да ја отвори границата со Русија

Финска конфискуваше руски имот во вредност од 4,25 милијарди долари на барање на украински Нафтогас

Шведска и Финска: Украина може да ја нападне територијата на Русија без ограничувања

Англија ја совлада Ирска