(ИНТЕРВЈУ) Заев: Во август ќе ја составиме новата влада, Мицкоски е аутсајдер, ќе коалицираме со партии што се за европски концепт

Од:

Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервјуто за „А1он“.

За него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се аутсајдери и, според него, тие на предвремените парламентарни избори покажале дека имаат сериозни проблеми и дека се заробени од груевизмот.

Во однос на малиот одѕив на граѓаните на изборите, Заев тврди дека за тоа има три причини: стравот од коронавирусот, времето на нивното одржување (среде лето) и црната кампања што ја водела ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ветува дека во август ќе биде заокружен изборниот процес и ќе бидат ставени во функција новото Собрание и новата влада, а наесен веќе ќе има целосно активни институции.

Господине Заев, очекувавте ли ваков резултат на изборите? СДСМ победи со речиси 12.000 гласа повеќе пред ВМРО-ДПМНЕ. Ако се гледа од аспект на 2016 година и тоа дека на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ, тогаш може и да се смета за успех. Но, доколку се има предвид дека се најавуваше поголема победа и дека повторно коалицијата зависи од ДУИ, тогаш може ли да се нарече успех? Како Вие сте задоволни од резултатот?

Парламентарните избори се успех и за Северна Македонија, и за граѓаните и за СДСМ. Овие избори ги потврдуваат демократските процеси и тенденции, кои низ изборните циклуси неповратно се случуваат од 2016 наваму.

Имавме фер, демократски и кристално чисти избори, кои го покажаа демократскиот капацитет на нашата земја, но и на СДСМ како политичка опција и владејачка партија. Еве, и во третиот изборен циклус граѓаните слободно и демократски гласаат, овој пат и во спцифични ковид-услови, а СДСМ трет пат победува. Има ли поголем успех од тоа граѓаните да ти доверат победа во услови на слобода? Има ли поголема победа од тоа да добиеш мнозинство во слобода наспроти мнозинствата што Груевски ги добиваше под принуда?

Успехот од овие избори, кој мене ме прави исклучително горд, е што граѓаните на јасен и недвосмислен начин ги потврдија европската определба и европската иднина на нашата земја. Победата на СДСМ и коалицијата „Можеме“, поддршката што ја добивме на овие избори, се јасен показател дека мнозинството граѓани сакаат европска, безбедна, просперитетна, економски напредна Република Северна Македонија. Држава која храбро ќе чекори напред, која ќе освојува нови пазари, која ќе гради нови перспективи, која ќе ги негува добрососедските односи и ќе создава нови пријателства.

Изборната победа е уште една потврда, но и поддршка на политиките на СДСМ, на преспанскиот договор и на договорот за добрососедство со Бугарија. Се покажа уште еднаш дека граѓаните ги поддржаа овие храбри одлуки, дека мнозинството стои зад нив, а тоа ме прави особено горд и среќен.

Понудата на ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на мрачното минато, најавите за преиспитување на договорите со Грција и Бугарија, загрозувањето на нашето членство во НАТО, загрозувањето на нашиот евроинтеграциски пат – добија јасен црвен картон. Тие застарени и националистички политики немаат иднина на нашата политичка сцена.

Тоа се покажа на овие избори, а ќе се покаже и на секои наредни.

Колкави се шансите СДСМ да формира влада и дали тоа во моментот е можно само со ДУИ, која остана на условот Насер Зибери да биде премиер, односно услов за кој кажавте дека не го прифаќате?

Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници.

Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот.

СДСМ и коалицијата „Можеме“ со европските и напредни политики што ги водеше досега и со јасната понуда во делот на економијата и правдата има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија.

И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка, политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот, кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата.

Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес, на кој чекавме 30 години.

Затоа, сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладеат и дека во рамките на предвидените рокови од Уставот, СДСМ ќе обезбеди функционална влада.

СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалирање со сите партии што се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот концепт и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО. Структурите што заговараат идеи поинакви од демократскиот и европскиот концепт не припаѓаат во идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални.

Очигледно дека не успаевте за време на кампањата да убедите повеќе луѓе да излезат и да гласаат за вас. Сепак, СДСМ има три пратеници помалку, односно речиси 112.000 гласа помалку од изборите во 2016 година. Сметате ли дека потфрливте во некој дел од целиот процес? Мислите ли дека јавноста е заморена од истите ликови за пратеници во сите овие години? Каде ги лоцирате проблемите?

Овие избори беа специфични од повеќе аспекти. Тие се одвиваа во услови на светска пандемија на Ковид-19, која, за жал, не ја одмина ниту нашата земја. Изборниот процес беше 100-процентно безбеден од здравствен аспект, граѓаните беа целосно заштитени и нивното здравје во ниту еден момент не беше загрозено. Сепак, кај мал дел од граѓаните стравот од заразата влијаеше да не излезат на гласање.

Друга посеризона причина е изборниот термин, среде лето. Некои од граѓаните веќе ги имаа напуштено своите места на живеење и заминаа на одмор во државата. Оттука беше и нашето инсистирање изборите да се одржат порано.

Дополнително, црната пропаганда што ја водеше ВМРО-ДПМНЕ сигурно демотивира дел од граѓаните да излезат на избори. Но, конечно, клучната разлика со изборите во 2016 година е што тогаш граѓаните излегоа масовно да ја сменат власта, да турнат режим, а од другата страна беше Груевски, кој сè уште вршеше силен притисок и принуда кај голем дел од граѓаните. На овие избори не се менуваше власт, на овие избори се потврдуваше патот по кој одиме.

Јас во мојот говор по победата, јасно кажав дека на овие избори го чув и тивкиот глас на многумина од оние што не излегоа да гласаат, а бараат правда. Го слушнав и тој став иако тивок и на тој став му порачав дека ќе има правда и дека ќе направам сè тие граѓани да имаат посилна причина да излезат и да гласаат на следните избори.

Се слушнавте ли со Мицкоски по изборите? Му понудивте или побаравте ли соработка во идната влада? На еден ТВ-дуел се насетуваше договор, доколку на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ им требаат пратеници, да си помогнате. Но, уште следниот ден Мицкоски рече дека нема намера да коалицира со лица обвинети за криминал, односно со Зоран Заев. Кој е Вашиот став?

За жал, Мицкоски повторно покажа дека нема никаква политичка култура ниту, пак, има капацитет достоинствено да прими пораз. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на овие избори доживеаја јасен и недвосмислен пораз на фер и демократски изборен натпревар.

Исто како и за локалните и за претседателските избори, така и сега кукавички се скри во белата палата. На овие избори дури немаше храброст вечерта да излезе на прес-конференција и да го каже ставот за изборниот ден. Тоа само зборува за неговиот демократски капацитет, за неговиот вредносен потенцијал, но и за неговата општа култура.

Мицкоски е аутсајдер, a ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори покажа дека има сериозен проблем и дека е заробена од груевизмот.

Јас веќе реков, можам да разговарам само со оние што недосвосмислено ќе потврдат и покажат дека ги напуштиле режимските политики, дека го поддржуваат патот напред по кој води СДСМ, оние што се во исто време и за НАТО и ЕУ, и за економија и правда, и за едно задничко општество.

И ВМРО-ДПМНЕ се прогласи за победник на овие избори велејќи дека им биле украдени гласови за уште појака победа. ВМРО-ДПМНЕ сега бара да формира влада. Дали мислите дека може тоа да се случи?

Оваа илузија на ДПМНЕ дека победиле на изборите на кои имаат два пратеника помалку од победникот беше смешна до синоќа зашто граѓаните мислеа дека само Мицкоски така си замислил. Но, по синоќешниот став на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, оваа нивна илузија е навистина загрижувачка за нивната партија. Белата палата има сериозен проблем, им посакувам што побргу да им се случи демократија, а тоа е можно само кога ќе се помират дека граѓаните одлучија да продолжиме напред и кога ќе се свртат кон внатрешна реформа.

Партија како ВМРО-ДПМНЕ, без демократски капацитет да го види сопствениот пораз, не може да формира влада од позиција на губитник на изборите.

Сè додека вината за овие изборни порази, и тоа во три циклуси по ред, не почнат да ја бараат во себе, нема да може да тргнат напред и да дадат соодветен придонес во процесите што се случуваат во Северна Македонија. Ова се многу важни времиња, ова се историски времиња и навистина не ми е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ одлучи да биде на темната страна од историјата на нашата држава.

Бујар Османи за грчки „Етнос“ изјави дека ДУИ е победник на изборите и дека тие треба да го добијат мандатот и да одлучат со кого ќе формираат влада, дали со СДСМ или со ВМРО -ДПМНЕ. Дали ја сфаќате пораката до Вас?

Во парламентарна демократија многу е јасно кој го добива мандатот за формирање влада. Тоа е првопласираната, а не третопласираната партија и затоа навистина не гледам потреба понатаму да ги коментирам ваквите изјави.

Ароганцијата и потценувањето на граѓаните не носи резултати. Резултати може да донесат само заложбите за државата да ни продолжи по правиот пат, по европскиот пат, по економскиот пат и по патот на правдата. Тие што се спремни да се приклучат на овој пат, ќе ја испишуваат новата современа историја на нашата држава.

Доколку Вие сте новиот мандатар, можете ли да очекуваме стабилна влада или неизбежни се нови избори?

Како држава во наредниот период нè очекуваат сериозни процеси. Покрај справувањето со ковид-пандемијата и економските последици што таа ги создаде, како што кажав и претходно, наесен нè очекуваат и преговори за полноправно членство со Европската Унија. Тоа се процеси што буквално ја дефинираат иднината на нашата земја и затоа верувам дека сите политички субјекти ќе ја сфатат сериозноста на моментот. Затоа, нашата намера во овој процес е создавање влада за цел, полн мандат, влада за четири години.

Доста беа предвремени избори – потребно е секој од нас да се ангажира двојно повеќе, државата да забрза двојно повеќе напред, а тоа е можно само ако имаме влада што работи, а не влада што организира избори.

Важно е да бидеме одговорни пред граѓаните што нѐ избрале и кои нѐ поддржале и затоа очекувам дека за набргу ќе имаме целосно функционални институции, стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, во која врвен приоритет ќе бидат интересот на граѓаните и иднината на државата. Уверен сум дека големо мнозинство од пратениците во Собранието се за демократскиот концепт што го предводам. Такво демократско мнозинство од пратеници со сигурност ќе избере стабилна влада.

Доколку формирате влада, кои министри со сигурност би ги задржале во новиот состав?

Процесите имаат свој редослед. Најпрвин треба да се конституира Собранието, потоа следуваат преговорите за формирање влада, а на крајот доаѓаат и кадровските решенија. Сè уште е рано за таа фаза, но со сигурност можам да кажам дека ќе имаме исчекор напред во кадровската политика, со што ќе обезбедиме подобро и поефикасно работење за интересите на граѓаните.

Ден по изборите заминавте на одмор, а тоа предизвика реакции во јавноста од типот дека заминавте на одмор по барањето итни избори за стабилна влада за справување со коронавирусот. Како го оправдувате тоа?

Јас сум тука, дојдов на неколку дена во Струмица и на неколку места во државата. Сметам дека ова намалување на интензитетот на партиска и политичка комуникација во јавност е добредојден за граѓаните по интензивната изборна кампања.

Тоа што јас имам неколку слободни денови не значи дека партијата и Владата не функционираат или дека не следиме што се случува или дека не ги движиме процесите.

Процесот на конституирање на Собранието и формирањето на новата влада ќе се бидат во рамките на законските рокови, а тоа значи дека пред есента државта ќе има целосно функционални институции.

Имајте предвид дека сè уште трае периодот на приговори до ДИК и жалби до Управниот суд. После тоа, следува верификација на мандатите на пратениците, конституирање на Собранието, по што претседателот има 10 дена да го додели мандатот, а мандатарот по тоа, во рок од 20 треба да состави предлог за влада.

Август ќе биде изразено активен политички месец кога Северна Македонија ќе го заокружи изборниот процес и ќе ги стави во функција новото Собрание и новата влада.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Таравари: Рама и Курти ме поддржаа да се кандидирам, тоа не е мешање во Македонија, поддршка може да даде секој

(ВИДЕО) Интервју со Ванковска: Да излеземе од НАТО, а договорите со Грција и Бугарија да се поништат, ако мислиме дека не може, тогаш сите во Вардар

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Јакимовски: Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ мора да најдеме алтернатива, ова стана поигрување со нацијата

Александар Тодески

Карлсон: Ме следеа пред разговорот со Путин

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стоименов: Ќе бараме отштета, плативме лиценци за повеќе години, а сега не затвораат

Александар Тодески

Ковачевски за средбата со Заев и Ахмети: Зборувавме за настапот на партиите на изборите и за членството во ЕУ

Александар Тодески