Д-р Аспазија Софијанова, специјалист интензивист и субспецијалист неонаталог, пред две недели го презеде функционирањето на скопската Клиника за детски болести, со која раководеше и претходно, до 2017 година.
На Детската клиника се примаат децата кои имаат пост-ковид компликации, а во интервју за „А1он“, Софијанова објаснува за какви симптоми станува збор и кога родителите треба да ги препознаат, за да реагираат навремено.
Во моментов на клиниката се хоспитализирани четири дечиња со пост-ковид компликации.
„Не сум за тоа по секоја цена кај децата да се земаат брисеви за коронавирус и да се малтретираат. Ама, ако осетиме дека детето има температура, а дека и родителите имаат потврдена инфекција, тогаш не треба да го неглектираме детето. Тоа е првиот знак, дури и температура 37, па дури 36.9 степени, би значело дека кај детето има некоја ситуација која треба да се надмине“, вели таа.
„До седмата година се развиваат белите дробови, местото каде најмногу атакува коронавирусот. Со тоа што кај децата ги нема рецепторите на овој вирус каде тој се налепува, практично вирусот нема каде да опстои. Детето го прима, може да се проврти во делот на грлото, затоа некогаш може и да качи температура, но нема каде да се ‘залепи’ за да почне да уништува. Тоа е добрата страна кај децата. Тогаш или го исплукува, или го искашлува или го голта и го носи во гастринтестиналниот тракт од каде го исфрла. Затоа тие се и лесни преносители, затоа што нашиот организам е различен, посебно ако се има коморбидитети“, објаснува Софијанова.
Во интервјуто д-р Софијанова објаснува и дава препораки во однос на користењето суплементи за зајакнување на имунитетот, како кај децата, така и кај возрасните, како и за последиците од прекумерната конзумација на витамини и минерали.
Во однос на вакцините, таа вели дека „ќе се вакцинира одма и веднаш“.
„Без дилема, веднаш. Читав, ги имам простудирано целосно вакцините, можеби би одела кон англиската вакцина, бидејќи иако велат дека има 65 отсто ефикасност, можеби е тоа поискрен приод, па и би се ревакцинирала“, вели Софијанова.
Во интервјуто за „А1он“ таа говори и за нејзините идни планови на клиниката, а дава и препораки на родителите кога да реагираат доколку нивното дете развие симптоми на Ковид-19.