(ИНТЕРВЈУ) Чепреганов: Бугарија, со негацијата, го потврдува постоењето на македонскиот идентитет и јазик

Од:

Бугарија е наш сосед, членка на Европската унија и треба да биде наш пријател и поддржувач за влезот во ЕУ, а не да става вето и блокада на преговорите и да го попречува европскиот пат на Македонија, вели историчарот Тодор Чепреганов во интервју за „А1он“.

Повикувајќи се на историски факти, Чепреганов вели дека тие треба да ги поврзуваат двете земји во добрососедски дух, да бидат мост на соединување бидејќи балканските народи имаат многу испреплетени врски од минатото и доколку се копа по нив, постои опасност од отворање на нови конфликти и непријателства. Според него, потребо е да се биде разумен и конструктивен, да се бараат решенија прифатливи за двете страни. До македонскиот политички врв порача дека не треба да се согласи со копромис кој ќе значи отстапување и откажување од македонската самобитност.

За бугарските историчари и голем дел од политичарите, создавањето на македонската нација и македонскиот јазик изгледа како никогаш непрежален дел од историјата и откинат дел од бугарскиот народ. За Македонците тоа изгледа како целосно апсурден став. Може ли тука да се изгради некаков мост на разбирање и како?

-Несомнено дека пријателските односи се важен дел од битисувањето на секоја држава. А, особено да имате добри односи со соседите, тоа е богатство, бидејќи тие би требало да бидат први кои ќе ви се најдат во случај на некоја природна непогода или за било што. Така би требало да биде. За жал сведоци сме, а историјата тоа ни го потврдува, дека понекогаш соседите имаат негаторски, агресивни и територијални претензии кон своите соседи. Во таква ситуација во моментот се наоѓа Македонија. Нејзиниот сосед Р. Бугарија тргната е во тотална офанзива во негирањето на идентитетот, јазикот, историјата и културата на Македонија како држава и македонскиот народ како идентитет. Во основа имаме оркестрирани напади од страна и на политиката, историчарите и голем дел од јавноста. Од своја страна македонските политичари настојуваат со еден умерен политички тон да ги амортизираат тие напади без додавање масло на огнот и да покажат како треба да се градат добрососедските односи. Дека во 21 век е сосема неприфатливо да се настојува соседот тотално да се обезличи и дека тоа не е никаков приод кон градењето на мостови за разбирање, а уште помалку со уцени да се настојува да се спречи почетокот на преговори на земјава со ЕУ.

Како гледате на позицијата на Софија околу барањето сите херои на македонската револуционерна борба официјално да бидат означени како Бугари? Каков компромис гледате, а да не е на штета на Македонија?

-Несомнено дека Р. Бугарија со оваа своја офанзива е наполно свесна дека се одигрува последниот чин на т.н. македонско прашање во кое таа има голем влог. Еве веќе 142 години, од прелиминарниот договор во Сан Стефано, кога Македонија влезе во рамките на т.н. Санстефанска Бугарија, ја користи секоја можност да го реализира тоа и за цело време го негира постоењето на македонскиот народ, јазик, историја и култура. Во тој контекст е и нејзиниот обид и нова измислица, предложена од бугарската комисија дека Македонците се Македонци во регионална (географска) смисла, а национално се Бугарија. Според оваа бугарска логика во Македонија ќе имате освен македонски Бугари и македонски Срби и македонски Грци, но ќе немате Македонски Македонци. Со самото тоа и сите македонски херои од национално револуционерните борби стануваат дел од бугарската историја. Со тоа сите македонски револуционери од национално револуционерната борба до крајот на Втората светска војна ќе бидат Бугари, а воедно дека истите станале тоа во граѓанска војна која се водела меѓу Бугари со Бугари. За ова не може да има никаков компромис. Граѓаните на Р. Македонија ќе си ги слават своите херои, а граѓаните на Бугарија нивните. Секој има своја колективна меморија.

Можат ли јасно да бидат разграничени корените на Делчев, Александров и многу други дејци, коишто сега се вклучени во договорот за „заедничка“ историја со Бугарија. Еве Гоце Делчев чиј е,се борел за незавина Макеоднија, а сепак се спори …?

-Гоце Делчев е врзното ткиво во македонското национално ослободително движење. Живее во колективната меморија на македонскиот народ и на македонската емиграција во Бугарија. Целиот свој живот го посветил на борбата на македонскиот народ за негова еманципација и негово етаблирање во светот. Се борел за автономија на Македонија во рамките на Османлиската Империја како преодна фаза во формирањето на независна држава. Ако беше Бугарин сигурно дека Бугарите уште во периодот на двете светски војни ќе му го дадеа потребното место во нивната историја. Ќе му изградеа некој споменик и ќе го чествуваа. Затоа дваесет години стоеше во просториите на друштвото на македонската емиграција „Илинден“ во Софија. Затоа политичката гарнитура, која дојде во Бугарија, по Втората светска војна, знаејќи чиј е Делчев, во 1946 година дозволи неговите мошти да бидат пренесени во НР Македонија, што беше и заветот на Делчев неговите мошти да почиваат во главниот град на Македонија. Што значи за Македонците, Гоце Делчев и други резолуционери покажува и фактот што се влезени и во химната на Р. Македонија. Присвојувањето на Делчев од страна на Бугарија како Бугарин ги присвојува и сите македонски револуционери како Бугари. Во однос на Тодор Александров. Етнички Македонец, роден во Штип, зел туѓо национално чуство и се борел за реализирање на бугарските планови во однос на Македонија, со извесни обиди да ја промени својата политичка ориентација.

Македонската и бугарската страна постигнале компромис за пет историски личности, дали имате инфромации за кои личности се работи ?

-Бидејќи немаме официјални документи што точно е договорено, а врз основа на она што протече во јавноста историско образовната комисија се договорила за заедничко чествување на св. Кирил и Методиј, св. Наум и св. Климент и цар. Самуил. Како ќе се чествуваат овие личности се уште не е познато.

Покрај заедничката историја и историски личности во спорот со Бугарија камен на сопнување е и јазикот и идентитетот. Како би се решило прашањето за постоењето на македонскиот јазик?

-За некои идентитетски работи не се преговара и договара. Со влегувањето во дискусија за овие теми Вие самите покажувате дека имате проблем самиот со себе и ги ставате под знак на прашалник Вашата идентитетска припадност. Јазикот е средство за комуникација и разбирање меѓу луѓето и право на секој народ е да го нарече својот јазик како сака. Македонскиот јазик и идентитет имаат своја историја стотици години. Со јазикот оди и идентитетот. Во светската наука нема никаква дилема за постоењето на македонскиот јазик, идентитет, јазик и култура. Има една апсурдна ситуација. Ако нешто не постои зошто Бугарите го негираат. Се негира она што постои. Со тоа и самите Бугари, со негацијата, го потврдуваат постоењето на македонскиот идентитет и јазик.

Што се крие зад ваквите неприфатливи барања на Бугарија?

-Зад ваквите неприфатливи барања на Бугарите (тоа ќе зависи од нашата политика) се крие тотално обезличување на македонскиот народ и негово приопштување кон бугарскиот. Односно, она што сакаат да го покажат Бугарите е дека се формирани две држави со еден народ и дека сега, како членка на ЕУ, е дојден моментот, да го реализира својот неотсонуван сон за Санстефанска Бугарија и да дојде до обединување. Сето ова членките на ЕУ го набљудуваат, со некои исклучоци, како нешто сосема нормално. Бараат тоа да го решиме на белатерално ниво. Обидите, посебно на Германија, Бугарија да ја промени својата позиција и да ѝ дозволи на Р. Македонија почеток на преговорите со ЕУ завршија со неуспех. Бугарската политика ќе остане доследна во своите барања и за тоа ќе бара било каква писмена гаранција. Македонскиот политички врв никако не смее да преговара и да се договара за идентитетските прашања.

Во однос на почитувањето на малцинските права. Има група Македонци кои живеат во западна Бугарија во пиринскиот дел, но кои не се изјаснуваат како Mакедонци, затоа што не постои графа за македонско малцинство. Од друга страна, имаме Mакедонци кои се со двојни пасоши, поседуваат и бугарски и се изјаснија како Бугари. Постои ли опасност ова прашање уште повеќе да ги заглави односите меѓу двете земји?

-Несомнено дека македонското малцинство во Бугарија е основиот камен на сопнување во односите меѓу Македонија и Бугарија. Не постои никакво сомневање за неговото опстојување во Бугарија. Тоа е видливо по војната и за време на културната автономија кога тогашната бугарска политичка елита дозволи отоврање на македонски училишта, театар, библиотека, весници и сл. И во двата пописи од 1946 и 1956 година тие се присутни во пописните листи. Но за жал денес бугарската држава целиот тој период настојува да го избрише и сите тие политичари кои учествувале во тоа ги претставува како предавници. И покрај фактот што македонското малцинство не е признато во Р. Бугарија тоа, преку своите организации, пред се ОМО Илинден го покажува својот опстој и уште повеќе што тоа е нотирано и од страна на европските институции и од Р. Бугарија се бара да дозволи формирање на невладини организации од Македонците во Бугарија. Македонската политичка елита не смее да дозволи било какво негирање на македонското малцинство во Бугарија.

Сигурно дека и поседувањето на двојни пасоши ја прави состојбата уште по замрсена. Без разлика на причините зошто се земаат пасошите Вие таму сте запишани како Бугрин. Може да се случи во еден од наредните пописи во Р, Македонија ако не се покаже бројката на земени бугарски пасоши бугарската влада да излезе со барање дека е направен фалсификат и истата да поднесе документ со имињата на сите оние кои земале бугарски пасоши и врз основа на тоа да бара права за Бугарите во Македонија.

Официјална Софија споменува дека го подржува процесот на напредокот на Скопје кон ЕУ, иако доби вето. Можно ли е поради недоразбирањата со Бугарија, Македонија да остане со години блокирана на патот кон евро-интеграциите?

-Имајќи предвид дека ова и е последна шанса на Р. Бугарија да го реализира сонот за Санстефанска Бугарија во која Македонија е дел, а и фактот што и денес го слави како државен празник, мислам дека ќе остане доследна на своето барање и дека ќе се обиде да го блокира патот на Македонија кон ЕУ. Македонската страна треба да остане доследна на ставот дека нема да преговара за прашања за кои не се преговара како што се идентитетот, јазикот, историјата и културата. Дека тоа се затворени прашања кои никој не смее да ги чепка. Може патот до ЕУ ќе се одолжи меѓутоа мора да останете доследен на она што сте и кои сте. Мора да имате доза на достоинство и самопочитување. Не може некој да ве понижува до обезличување.

Кој ќе попушти? Дали е можен компромис или дефинитивно запечатено е на овој начин напредувањето на Македонија?

-Компромис е можен само со почитување на различностите. Во Бугарија да си ги слават нивните историски личности, ние во Македонија своите. Ако сака некоја од страните да присуствува на некое чествување за тоа секоја држава има протоколи и тоа може да се договори. Постојаното повторување за некаква заедничка историја постои само во главите на политичарите. Секој народ има своја колективна меморија во која влегуваат неговите митови, херои и настани. И единствено со Бугарија сме имале заеднчка историја кога биле окупатори на Македонија. Ова настојување на заедничка историја е силување на историјата, политички инжинеринг, кој историски земено секогаш завршувал на буништето на историјата.

Деновиве слушаме изјави од бугарски политичари кои обвинуваат дека во македонско-бугарскиот спор има руско влијание. Како гледате на ова?

-Ова најдобро отсликува во каква состојба се наоѓаат бугарските политичари кои се немоќни да го реализираат она што го зацртале. Тоа ја покажува само нивната немоќ. Со тоа може сметаат дека ќе ги придобијат на своја страна членките на Европската унија да извршат притисок на Р. Македонија да ги прифатат бугарските ставови, а дека тие се санитарен кордон од навлегувањето на руското влијание на Балканот. Што е многу, многу е и ако е од Бугарија.

Би можело да ве интересира

Желјасков: Веруваме дека ќе ги донесете уставните измени и уште оваа година ќе се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ

Состанок на експертските работни групи на МНР на Македонија и на Бугарија

Гир: Не треба да се очекуваат нови договори, македонскиот јазик е веќе во Преговарачката рамка

Ана Ололовска

(ВИДЕО) „300.000 Македонци не се во вашиот Устав, во 21 век не признавате народ“: Лекција од историчарот Светозаревиќ за бугарски новинари во Пустец

Орце Костов

Жељазков: За Бугарија е важен условот „поставен од Европската комисија“ за уставни измени

Ана Ололовска

Претседателот Румен Радев врачи бугарски лични документи на Љубчо Георгиевски и Благој Шаторов

Ана Ололовска