Инспекција во Гинекологија по смртта на 33-годишна пациентка, за која семејството вели дека ѝ било продупчено тенкото црево при шиење на матката

Од:

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе направи вонреден увид во Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ по смртта на 33 – годишна пациентка за која семејството, преку медиумите, обвини за лекарска грешка. На пациентката, според семејството, од матката ѝ бил изваден миом, но при шиењето на матката, тенкото црево ѝ било продупчено на четири места, што било откриено со друга операција на Клиниката за дигестивна хирургија, каде што била препратена од Гинекологија.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе постапи по допрен глас за овој случај. До овој момент во Инспекторатот нема стасано пријава за конкретниот случај“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“.

Пациентката била оперирана на 22 април, а операцијата ја направила директорката на Гинекологија, Викторија Јовановска која од матката и извадила миом. По шест дена состојбата и се влошила и од Гинекологија, откако откриле оштетување на тенкото црево,  ја препратиле на Клиниката за дигестивна хирургија, каде што, според кажувањата на семејството, било утврдено дека при шиењето на матката на четири места и било продупчено и сошиено тенкото црево. Оштетениот дел од тенкото црево бил изваден на шести мај, а пациентката починала три дена подоцна, на деветти мај.

„Пациентката е примена на ГАК на 21.04.2021 година со голем тумор на матката и е извршена операција на 22.04., со уреден оперативен тек. Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести). Во договор со абдоминален хирург, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11-от ден постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 09.05.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде починала по многу кратко време“, стои во соопштението од Гинекологија.

Министерот за здравство Венко Филипче денес рече дека ќе иницира вонреден инспекциски надзор на Клиниката за гинекологија, кој ќе го направи Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а доколку е потребно ќе биде направен и стручен надзор.

Би можело да ве интересира

Од понеделник Инспекторатот ќе изрекува забрани за прием на невакцинирани деца во градинките

Орце Костов

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Викторија Јовановска останува директорка на Клиниката за Гинекологија

Орце Костов

Раката на бебето повредено на ГАК е имобилизирана, првична проценка на Комисијата е дека нема стручна грешка

ВМРО-ДПМНЕ: Три скандали на Гинекологија за една недела, никогаш не било полошо