Центарот за граѓански комуникации кој спроведува директен и сеопфатен мониторинг на јавните набавки во најновиот Индексот на рационалност, констатира огромни разлики во цените по кои се купувани авионска дезинсекција на комарци, системи за електронска евиденција на работното време, контејнери за отпад, собирање, транспорт и уништување на медицински отпад и пилешки стек.
Најголема разлика во тоа како се трошени јавните пари за исти услуги е евидентирана во набавката на системите за електронска евиденција на работно време, а најмала кај контејнерите за отпад.
Авионската дезинсекција на комарци ги чинела институциите од 176 до 606 денари за еден хектар, со што највисоката цена е за дури 244% повисока од најниската која е постигната за Град Скопје.
Меѓутоа, Министерството за транспорт и врски плаќа многу повисок износ за општините со многу помала површина, како што е општината Чашка.
Во Индексот на Центарот за граѓански комуникации се наведува дека е нејасно врз која законска основа Министерството ја набавувала оваа услуга за шест општини-Охрид, Дојран, Ресен, Чешиново-Облешево, Крушево и Берово. Забележливо е дека има доминација на една фирма во истата набавка.
Во сите постапки за набавка на оваа услуга понуда доставувал само по еден добавувач, а услугата ја нуделе само две фирми кои не си конкурирале меѓусебно. Од седум договори, во пет како добавува се јавува една иста фирма.
Системите за електронска евиденција на работното време се купувани по цени кои се движат од 43.200 ден. до 160.000 ден. за еден систем, со што највисоката цена е за дури 270% повисока од најниската. ЈЗУ Специјална болница за белодробни заболувања и туберколоза “Јасеново“-Велес системот го платила 160.000 денари, а АД за осигурување со деловен простор во државна сопственост за само 43.200 денари.
Контејнерите за отпад (метални 1,1 м3) се купувани по цени кои се движат од 12.383 до 18.502 денари, што значи дека највисоката цена е за 49% повисока од најниската.
Собирањето, транспортот и уништувањето на медицински отпад ги чинело здравствените институции од 41 до 95 ден. за килограм, со што највисоката цена платена за оваа услуга е за 132% поголема од најниската цена. Дури 10 од 12 институции, ги склучиле договорите со една иста фирма.
Во однос на набавките на пилешки стек, забележлива е доминација на една фирма кај три детски градинки во Карпош кои се вклучени во Индексот на рационалност.
Цените по кои градинките го купиле стекот се највисоки и се постигнати во отсуство на конкуренција. Пилешкиот стек е купуван по цени кои се движеле од 172 до 315 ден. за килограм, со што највисоката цена е за 83% повисока од најниската.
Според табеларниот приказ на индексот на рационалност, просечна цена за еден килограм стек е 244 денари, што е на рангот на некои цени на малопродажба, но е нелогично ако се имаат предвид купените количини и помалите трошоци за продажба на големо.
Пример Службата за општи и заеднички работи на Владата купила најголемо количество на месо, а има натрпосечно висока цена.