Имотот на Камчев во Русија, Бугарија и на Бахамите – пречка да излезе од притвор

Од:

Фирми во Русија, Бугарија, Холандија, Косово, Србија и Хрватска и оф-шор компании во даночните раеви се само дел од имотот што го поседува бизнисменот Орце Камчев, а тој е и краен сопственик на оф- шор фирмата Финзи, стои во решението на притвор за бизнисменот Камчев до кое дојде „Макфакс“.

Имотот што го поседува, како и бугарското државјанство се само една од причините зошто на бизнисменот му беше продолжен притворот за уште 30 дена.

Во решението стои дека „сите овие околности укажувале дека доколку осомничениот Камчев се брани од слобода, тој лесно ќе се даде во бегство во било која држава надвор од Македонија, особено во Бугарија каде има развиен бизнис и стан, а како државјанин на Република Бугарија нема да биде екстрадиран во Македонија“.

Можноста за бегство судот ја гледа и во фактот што Камчев последнава година 80 пати ја преминал државната граница. Не се отфрла ниту можноста за влијание врз сведоците, бидејќи, како што ценел судијата на претходна постапка, голем дел од нив се вработени во неговите фирми, а тој често ги менувал управителите и седиштата на правните лица кои се дел од истрагата.

Кои се фирмите во странство на бизнисменот Камчев?

Руската фирма Здравје Оптима во Ростов на Дон е една од фирмите кои се поврзуваат со бизнисменот Орце Камчев. Уделите во фирмата во март годинава тој ги пренел на Орка Холдинг АД Скопје, а во април годинава уплатил 100.000 евра на име инвестиција во истата компанија. Сопствеништвото во оваа руска компанија Орка Холдинг го дели со Јован Дабевски, поранешен генерален менаџер на Здравје Радово и извесен Антон Георгиевиќ. Втората руска фирма, отворена во 2015 година, Семимол, освен со Георгивиќ и Дабевски, Камчев ја дели со бизнисменот Сергеј Самсоненко.

Според решението за притвор, Камчев се јавува и како краен сопственик на фирмата Финзи, иако неговото име не се појавува во документите на оваа оф-шор компанија со седиште во Албани, САД. Предистражната постапка наводно покажала дека Камчев бил краен сопственик од отворањето на сметката на Финзи во 2009 до 2012 година.

Директор на оф-шор фирмата Финзи, која е поранешен сопственик на порталот Нетпрес, беше Коста Крпач кој во 2016 додека беше сведок за истрагата на Специјалното јавно обвинителство, изврши самоубиство. Според аудио снимките на СДСМ, Финзи беше една од фирмите преку која, со посредство на Сашо Мијалков, се одвивала спорната набавка на израелската опрема за прислушување за потребите на МВР.

„Макфакс“ ги поседува сите документи од отворањето на фирмата „Финзи“ до сега, но таму не е споменато името на бизнисменот Камчев. Единственото име што се споменува е она на Владислав Стајковиќ, сопственик на фирмата НВСП, исто така осомничен за случајот „Империја“, како прв директор на фирмата.

Меѓу фирмите на Камчев се споменува и компанијата ПЗУ Систина Нефроппулос Кавадарци чиј основач е Орка Холдинг. Во 2014 година оваа компанија уплатила 200.000 евра преку кипарска банка на оф-шор фирмата Desimarg Limited, каде што управител е еден од осомничените за „Империја“, Ненад Јосифовиќ. Во 2015 година, Јосифовиќ го овластува Камчев да ја ликвидира оваа компанија.

Фирмата од Бахамите, Десимарг Лимитед беше дел од големиот проток на документи за оф-шор компаниите „Панама Пејперс“, за која веќе истражуваше Меѓународниот центар за истражувачко новинарство.

Уште една од фирмите која се споменува во судските документи е и фирмата Камил во Софија која аплицирала за кредит од 24 милиони евра во Бугарија, пари со кои Камчев имал план да ги откупи уделите на партнерите во „Пелагонија Енерџи“. Во документите се споменува и бугарската болница „Токуда“, каде што Камчев преку Орка Холдинг бил акционер во болницата со учество од 11 отсто од капиталот.

Молк од СЈО за случајот „Империја“

И еден месец по отворањето на истрагата, од Специјалното јавно обвинителство не излегуваат со информации на што точно се однесува случајот „Империја“ и кои фирми се инволвирани. Од СЈО не одговараат на прашањата на „Макфакс“ поврзани со овој случај. Засега, она што е познато е дека преку фирми на инволвираните лица биле испрани над 10,5 милиони евра – 8 милиони евра пари од Македонија и 2.5 милиони евра преку оф-шор фирми.

За случајот, во притвор, освен Камчев е и Ненад Јосифовиќ, соработник на Камчев, директорот на „Ексико“ Тодор Мирчевски, Цветан Панделески, директор на ЗК Пелагонија и Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Притвор за случајот му беше определен и на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, но подоцна, по барање на СЈО, за него се укина притворот за „Империја“, а мерката му беше одредена за случајот „Таргет – Тврдина“.

За „Империја“ има вкупно 12 осомничени, меѓу кои и мајката и сестрата на Орце Камчев.

Бизнисменот Камчев и неговите соработници можат да бидат во притвор максимум 6 месеци, а по истекот на овој рок, СЈО ќе мора да поднесе обвинение или ќе мора да им дозволи на осомничените да се бранат од слобода.

Осомничените можат да поднесат жалба до Апелациониот суд и да побараат укинување на притворот, со тоа што имаат можност да побараат да се бранат од слобода со гаранција.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

Притвор за двајцата приведени за убиството на лекарот во Железара

Анита Петровска Рајковиќ

Таткото на Вања останува во притвор – Врховен му ја одби жалбата

Притвор за осомничен кој во повеќе наврати силувал 14-годишна девојка во Битола

Орце Костов

Таткото на Вања бара да биде пуштен од притвор – Фетаи е против, Апелација одлучува

Притвор за петмина, 10 во бегство од мафијата во Грчец – убивале, продавале дрога, имале соработници во судови и институции

Таткото на Вања останува во притвор: Кривичен го одби барањето на адвокатот Туфегџиќ за куќен притвор

Александар Тодески