Имаат ли Адеми, Герасимовски и Рајевска легитимитет да бираат директор на Академијата за судии и обвинители, молк наместо одговор

Од:

Беса Адеми претседателка на Врховниот суд чија снаа е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители, Зоран Герасимовски член на судскиот совет чија судиска функција е во мирување, како и Фиданка Рајевска, член на Советот на јавни обвинители чија обвинителска функција е во мирување ќе треба да гласаат за избор на нов директор на Академијата.

Сите оспорени од правната фела. Адеми поради конфликт на интереси и можност за влијание. Герасимовски и Рајевска поради неисполнување на услови и голема концентрација на моќ. Заедничко за сите тројца е што и покрај јавниот аларм, тие не се повлекоа од Управниот одбор на Академијата, туку токму преку овој орган ќе бираат нов директор, но и тоа што молчат кога се прашани која е нивната легитимност во процесот на избор.

„А1он“ прво ја контактираше претседателката на Врховен, Адеми, за тоа како ќе гласа на седницата за избор на нов директор на Академијата, кога таа има конфликт на интерес поради тоа што нејзината снаа ќе треба да стане обвинител или судија токму како кадар на оваа Академија. Таа не одговори на прашањата. Ниту пак вчера се појави на седницата, каде требаше да се избере директор, а дури отпосле се дозна дека тоа ќе треба да се случи во петок (утре). Адеми, со учество во процесот за избор на директор, остава простор да си гласа најподобен кандидат преку кој ќе може да агитира во иднина.

Ништо поразлично не постапи ниту Зоран Герасимовски. Тој е член на Управен одбор на Академијата. А за да стигне до таму, гласаше и сам за себе на седница на Судскиот совет. Еден од условите за да се биде член на ова тело е кандидатот да доаѓа од редот на судиите. Герасимовски пак, не е од редот на судиите бидејќи неговиот мандат како судија мирува, со неговиот избор за член на Судскиот совет. Дополнително, правниците го оспоруваа неговиот избор во Управниот одбор и поради преголема концентрација на моќ. „А1он“ го праша дали неговото гласање во Управниот одбор ќе биде законско, а тој, наместо одговор, реши да ја игнорира пораката.

Фиданка Рајевска, за првпат со Герасимовски седна во клупите за членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Нејзиниот избор е идентичен како оној на Герасимовски. Стана член на Управен одбор од редот на обвинителите, а таа обвинител не е со оглед дека нејзината обвинителска функција е во мирување. Со креативно толкување на законските одредби, Рајевска и Герасимовски, како и дел од членовите на советите од каде доаѓаат, си донесоа заклучок дека нема ништо незаконски. И таа како Герасимовски, реши да не одговара како ќе гласа во Управен одбор, ако се има во предвид дека нејзиниот избор е оспорен.

Седницата на Управниот одбор на која ќе се бира директор на Академијата за судии и јавни обвинители ќе треба да се одржи утре, иако изборот требаше да биде вчера. Од Управниот одбор се правдаа дека доцнела поштата, па во последен момент дознале дека имаат четврти кандидат.

Андреј Димовски, судија од граѓански суд и единствен национален судија со меѓународно искуство влегува во трката за раководење со оваа значајна институција од која излегуваат идните обвинители и судии. Негови конкуренти остануваат Наташа Габер Дамјановска, која досега ја водеше Академијата, Емилија Шопар Јованова од скопскиот Граѓански суд и Ненад Савевски од Кривичниот суд во Скопје. Кој од нив ќе биде нов прв човек на Академијата, ќе треба да се знае во петок, за кога е закажана новата седница.

Би можело да ве интересира

Управен суд донесе одлука: Прием на слушатели на Академијата за судии и обвинители по изборите

Управен суд пресуди во полза на Академија зa судии и јавни обвинители, ја поништи одлуката на Антокорупциска

Антикорупциска решава за приговорот на Силјановска Давкова за тестирањата за прием во Академијата за судии

ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава до ДКСК против Академијата за судии и јавни обвинители за прекршување на Изборниот законик

Адеми останува на функција: Не помина барањето на Миљазим Мустафа за разрешување на претседателката на Врховен

Александар Тодески

Судски совет одлучува дали Адеми ќе биде разрешена: Барањето за доработка на извештајот не помина

Александар Тодески