Герасимовски и Рајевска донесоа црвен картон: Рејтингот на судскиот и обвинителскиот совет е толку лош што ако имаат интегритет треба да си поднесат оставки

Од:

Непрецизниот закон остави простор за секој да си толкува сам дали можат членовите на судскиот и обвинителскиот совет да бидат и членови на Управниот одбор при Академијата за судии и обвинители. Заедничко во мислењето на скоро сите правници, од професори до адвокати – е дека состојбата во правосудството е жална, а советите се со лош интегритет. Дури и да е законско назначувањето на Зоран Герасимовски и Фиданка Рајевска, чии судиска односно обвинителска функција се во мирување бидејќи се членови на советите, треба да се свесни дека не треба да бидат на двете функции поради преголемата концентрација на моќ. Единствени кои се изречни дека со назначувањето на Герасимовски и Рајевска нема ништо спорно се од Академијата на судии и јавни обвинители. Оттаму посочуваат дека и во минатото имало назначувања во Управен одбор од редот на советите.

„Да, смеат да бидат. Бидејќи се тие судии. Тие не можат да судат, но не се разрешени дека не се судии. Тие имаат функција судии“, велат од Академијата за судии и јавен обвинител.

Професорот Гордан Калајџиев, смета рејтингот на двата совети кои треба да гарантираат независност во судството и обвинителството е веќе лош, па така, новите функции на Герасимовски и Рајевска се спореден проблем.

„Јас мислам дека може; ова сигурно не е главен проблем во судството; рејтингот на судскиот и обвинителскиот совет е толку лош што ако имаат интегритет треба да си поднесат оставки“, вели Калајџиев.

Адвокатот Јанаки Митровски, смета дека советите се супер креативни во толкувањето на законот кога се работи за нивните позиции. Според него, треба и изрични забрани.

„Член 12 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е нејасен до крај, тоа е можеби и интенционално така конципирано, бидејќи вели од редот на судии и јавни обвинители, што остава простор за креативно толкување на Закон. Но тоа не е поентата, поентата е дека самите новоизбрани два члена треба да имаат многу повеќе сенс (осет) и да не се ни кандидираат или самокандидираат. Спој на две така важни функции е опасен бидејќи концентрира преголема моќ. Да потсетиме Академијата обучува иден судско обвинителски кадар и со самото тоа членување во нејзиниот УО носи огромен потенцијал за моќ, а во комбинација со судски или обвинителски совет би рекол и недозволива концентрација на моќ. Оттука, главното прашање не би требало да е дали имаат законско право (бидејќи гледате дека се супер креативни кога се работи за нивните позиции) туку дали треба да се бараат законски измени со кој изричито ќе се забрани член на совет на ЈО или судски совет да биде член на УО на Академија“, вели адвокатот Митровски.

Воислав Димовски, ексобвинител и адвокат, дециден е дека има правна пречка за Зоран Герасимовски и Фиданка Рајевска, да бидат со функции во мирување, а да го исполнуваат условот од законот кој предвидува избраните членови во Управен одбор на Академијата да се од редот на судиите и обвинителите.

„Неспорно дека со изборот на судиите и обвинителите за членови во Судскиот и Советот на јавни обвинители, нивната дотогашна функција е ставена во мирување. Во таа смисла постои правна пречка, па таквите кандидати неможе да се сметаат за судии односно обвинители во смисол на одредбите од Законот за Академијата. За мене особено треба да се испита следнава околност: дали при донесувањето на одлуката за членот на Управниот одбор на Академијата од страна на Обвинителскиот совет има судир на интереси. Имено според моите сознанија во гласањето учествувал член на Советот чиј близок роднина е кандидат во Академијата. Доколку е тоа така, станува збор за сериозно тргување со влијанија. Успеавме и Академијата за судии и обвинители која неспорно започна како проект под финансиско и секаков вид менторство на странците, да ја сведеме на семејна фирма. Сума – сумарум, овие случувања го бетонираат впечатокот дека состојбата во правосудството е жална и бара радикални мерки за да дојдат работите во нормала“, вели адвокатот Димовски.

Билјана Ивановска од Антикорупциската комисија, смета дека законот остава простор за толкување. Па така, таа се повикува на Уставот.

„Поради тоа што Законот не е докрај прецизен, остава простор за различни толкувања. Но факт е дека: – согласно член 99 од Уставот судијата се избира без ограничување на траење на мандатот. Во ниту еден закон не се поделени на активни и пасивни. Законот за Академија, пропишува услови што кандидатот треба да ги исполни“, вели Ивановска.

Дел до судиите со кои контактираше „А1он“ посочуваат дека кога на нив им мирува функцијата, како што е случајот со Герасимовски, тогаш, тие не се судии туку членови на Судски совет.

Од друга страна, обвинители од апелационото подрачје Скопје посочуваат дека Советот на јавни обвинители постапил погрешно со предлагањето на Рајевска, бидејќи во законот стои треба да се предложи член во Управен на Академија од редот на обвинителите, а не од редот на членовите на Советот на јавни обвинители.

„А1он“ објави дека членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители стануваат и членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Но ако се погледнат законите, нивното назначување е незаконско, бидејќи на судиите и обвинителите избрани за членови на двата совети, во мирување им се функциите обвинител, односно судија. А за да се биде член на Управниот одбор на Академијата, еден од клучните услови е избраниот да биде од редот на судиите и обвинителите. За да го оправдаат изборот, Советот на јавни обвинители си дава свое толкување на законот, а и дел од членовите на судскиот совет имаат свое објаснување зошто изборот кој го прават е законски.

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Судскиот совет ја промени ранг листата за избор на судии за Апелационен суд Битола

Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката на републичкиот обвинител за суспендирање на Хајрулахи

Катерина Ѓуровски

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Лидија Георгиевска избрана за претседателка на Вишиот управен суд