Поштата не стигнала на време, па Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, во последен момент, дозна дека има и четврти кандидат за директорската позиција. Андреј Димовски, судија од граѓански суд и единствен национален судија со меѓународно искуство влегува во трката за раководење со оваа значајна институција од која излегуваат идните обвинители и судии. Негови конкуренти остануваат Наташа Габер Дамјановска, која досега ја водеше Академијата, Емилија Шопар Јованова од скопскиот Граѓански суд и Ненад Савевски од Кривичниот суд во Скопје. Кој од нив ќе биде нов прв човек на Академијата, ќе треба да се знае во петок, за кога е закажана новата седница.
„А1он“ исконтактира со судијата Димовски. Тој меѓудругото го водеше предметот каде бизнисменот Орце Камчев бараше Катица Јанева, Боки 13 и државата да му го вратат милионот од „Рекет“, па го одби барањето со образложение: „Странката која дејствувала несовесно (Камчев), не може да го бара назад она што го дала на странката (Бојан Јовановски, Катица Јанева) која дејствувала исто така несовесно“. Димовски веќе има искуство со Академијата, тој претходно бил и ментор на слушатели на почетна обука.
„Јас негувам визија и амбиција за себе во фелата, независно од општествените неприлики. Сметам дека поседувам како што и досега сум покажал, елан, план, енергија, знаење. Сето тоа потврдено преку меѓународното искуство со скоро 13 месечен престој во ЕСЧП, повеќенеделен работен престој во Кралството Холадија, како и во СР Германија, итн. Посветен сум на професијата, немам афери зад себе“, посочува Димовски за „А1он“.
В.д. директорот Бесир Алиу, кој е и член на Управниот одбор на Академијата и јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Тетово, кажа дека кандидатурата на Димовски е испратена по пошта во рамки на временскиот рок. Посочи дека поштарот ја згрешил адресата, па документите стигнале денеска и истите мора да се разгледаат.
Во салата беа присутни скоро сите членови на Управниот одбор, освен, Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд чија снаа е слушател на Акамемијата.