Со особена почит денеска во Прилеп се одбележаа двата Илиндена 110-годишнината од Илинденското востание, и 69-годишнината од заседанието на АСНОМ.
Делегации од локалната самоуправа, Советот на Општина Прилеп предводена од претседателот Никола Димески, политичките партии, Здружението на борци од Прилеп и група граѓани им одадоа почит на сите заслужни дејци и револуционери кои го дадоа животот за слободна и независна Македонија.
Со положување на свежо цвеќе пред бистите на „Методија Андонов- Ченто“, „Кузман Јосифоски – Питу“, „Ѓорче Петров“, „Пере Тошев“, „Могилата на непобедените“, пред споменикот „Карпалак“, „Жена борец“ прилепчани уште еднаш им се поклонија на хероите изразувајќи го своето исконско уважување на големото историско дело. Делегација од Прилеп присуствуваше и на чествувањата во Крушево.