Од 11 до 18.30 часот со две паузи траеше денешното рочиште за предметот на СЈО, „Титаник 2“. Денеска требаше да бидат изложени завршните зборови на обвинетите и нивните адвокати. Судијата Огнен Ставрев го одложи рочиштето бидејќи на обвинетата Анета Стефановска доцна попладнево и’ се слоши, по што беше повикана и итна помош.
Следниот датум кога Стефановска, нејзиниот адвокат, Сашо Мијалков и неговите адвокати треба да ги дадат завршните зборови е 28 февруари, по што ќе биде закажан датум за пресудата. Судот, обвинителите и обвинетите и нивните адвокати се нагодуваа околу термини за следното судење, бидејќи судниците и судиите се зафатени, а обвинетиот Мијалков мора да се појави на други судења следните денови.
Првото рочиште за овој предмет почна на 24 април 2018 година.
Во случајот „Титаник 2“, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување се обвинети лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Според обвинението на СЈО, Мијалков и Тачи се испазариле и успеале незаконски да биде поништено гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година. Во предметот беа обвинети и 5 управни судии, но Апелацискиот суд ги спаси од кривичен прогон.
Васко Маглешов