Од трите сообраќајки во јануари, во кои загинаа двајца пешаци и еден возач, само несреќата кај мостот „Гоце Делчев“ три месеци остана без обвинение. Се уште се прибира доказен материјал за тоа како е прегазен 76-годишниот маж, кој почина на лице место. Тој смртно настрада откако во него удри „БМВ Х5“, но од институциите никогаш не се откри дали поминувал на пешачки премин, кој е непосредно до мостот. За сообраќајката се знае само дека со возилото управувала Гордана Филиповиќ, мајка на кумановката Јелена, која пред две години исто така загина во сообраќајна несреќа. Од скопското Обвинителство не откриваат ниту кои се резултатите од проверката на крв и урина, од кои требаше да се утврди дали возачот имал консумирано алкохол или дрога.
„Во тек е претходна постапка во Основното јавно обвинителство Скопје во рамките на која се прибираат материјални докази. Обезбедени се снимките од видео надзорот од безбедносните камери на околните објекти и извршена е обдукција на телото на починатиот од страна на Институтот за судска медицина. Надлежниот јавен обвинител издаде наредби до МВР за да се изврши анализа на примероци од крв и урина на осомничената, а по добивање на соодветен поднесок од МВР со обезбедените докази, Обвинителството ќе издаде наредба за да се изготви сообраќајно вештачење од вешто лице со цел да се утврдат причините за несреќата и пропустите на учесниците“, велат од скопското Обвинителство.
Оваа несреќа се случи во исти ден кога 21-годишен возач направи сообраќајка откако удри во возилото на 48-годишен жител на Стајковци кого го усмрти, а неговата малолетна ќерка ја повреди. За овој предмет е покренато обвинение.
Истиот месец, јануари, шест дена претходно, на пешачки премин беше прегазена 24-годишната Викторија Николова од Радовиш. За овој случај веќе има и досудена затворска казна од три години, за која е поднесена жалба и се бара да се зголеми од страна на Апелациониот суд-Скопје.