За нови пет лица, кои со разни предмети, меѓу кои и бекатон плочки, маваа по полицијата за време на протестите за „Монструм“ е поднесена кривична пријава. Најмладиот има 19 години, додека најстариот е 23-годишно лице. Сите се од Скопје. Со ова, бројот на приведени за насилствата кои се случија за време на протестите против пресудите донесени за петкратното убиство кај Смилковското езеро се искачи на 12 лица. Извори од истрагата за „А1он“ велат дека меѓу лицата има и малолетници на возраст од 16-17 години.
„Во врска со протестот што се одржа во петокот (26.02.2021) поднесена е кривична пријава против 2 лица – Ш.В. (22) и Б.Д. (19) по чл.385 Учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Исто така, од страна на СВР Скопје – Единица за насилен криминал до Основното јавно обвинителство се доставени уште 2 Известувања за дополнително идентификувани 3 лица и тоа: А.С. (23), Б.К. (20) и Ф.И. (20) кои се исто така кривично пријавени по горенаведениот член. Ќе следува поднесок до ОЈО и за малолетниците кои беа приведени во петокот“, велат од МВР.
Идентификувањето на лицата кои извршиле насилство за време на протестите и натаму трае. Претходно, беше побаран притвор за тројца учесници во протестот за пресудите против обвинетите за петкратното убиство. Тој се одржа на 26. Февруари и помина во тензичка атмосфера. Со полесни повреди поминаа 11 службеници кои го обезбедуваат јавниот ред и мир во тој период.
Инаку, во случајот „Монструм“ им беа изречени доживотни затворски казни на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири. Обвинението беше одбиено за обвинетиот Сами Лута, поради откажување на јавниот обвинител.