Хелсиншкиот комитет за човекови права, на неделно ниво ја следи состојбата со бегалците во земјава. Во периодот од 7 до 13 декември, во кампот во Гевгелија нотиран е недостаток на топла облека и обувки. За економските мигранти, нема решенија, па тие се заглавени и состојбата се влошува.
Гевгелија
Капацитети и услови
Во кампот има недостаток од топла облека и обувки. Во текот на неделата, греалките на плин кои претходно беа поставени надвор, се преместени во двата шатори во кампот, но тоа не ги задоволува потребите за затоплување на бегалците или останатите присутни во кампот (активисти, волонтери, полиција). Има недоразбирања со полицијата, а таксистите протестираа против монополот на ЈП. Ова е извештајот во целост:
Кампот беше посетен од меѓународната организација Амнести интернешнл.
Институционално постапување. Понекогаш се случуваат отстапувања од организираното и координирано спроведување на бегалците во групи, што доведува до инциденти. Јазичната бариера и понатаму игра клучна
улога во недоразбирањата меѓу бегалците и полицијата.
За конкретниот настан, Хелсиншкиот комитет ќе се обрати до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.
Во текот на неделата се одржа протест на таксистите кои го изразија својот револт поради монополот на ЈП Македонски железници во превоз на бегалците од Гевгелија до Табановце.
Поради протестот, во одредени денови беше намален протокот на бегалци бидејќи протестот ја блокираше железничката пруга.
Бегалците кои се затекнати во кампот без соодветни документи, со возило се депортираат назад до границата и се спроведуваат на грчка територија. Нивниот број се движи од 15 до 70 на ден.
Куманово
Капацитети и услови
Греење во кампот сè уште нема. Единствено се загреани шаторите на СОС Детско село, кои се наменети за деца, но и тие имаат мал капацитет.
Кампот го посетија Народниот правобранител Иџет Мемети и Народниот правобранител на Република Србија, Саша Јанковиќ.
Организациите „Мерхамет“, „Класја на добрина“, „Мајка Тереза“, „Каритас“ се дел од организациите кои делеа храна и топол чај меѓу бегалците во текот на неделата.Интензивно се работи на проширување на кампот.
Поставени се и монтажни бараки за бањање на бегалците. Во кампот нема услови за движење и одмарање на инвалидни лица, што е значителен проблем веќе подолг период.
Институционално постапување
Сериозен проблем се појавува со таканаречените „економски мигранти“ кои се практично заглавени во транзитниот камп во Табановце. Имено, околу триесетина лица кои потекнуваат од земји различни од Сирија, Авганистан и Ирак, не се пропуштаат понатаму, а пристигнале во
кампот во Табановце пеш.
Тие не се во можност да се вратат назад во кампот во Гевгелија
користејќи било каков превоз бидејќи не поседуваат валидни документи за регистрација во Република Македонија (кои им дозволуваат легално да се движат во рок од 72 часа), ниту пак имаат пари.
Од друга страна, тие се плашат да се вратат во Гевгелија пешки, како што и стигнале, бидејќи дел од нив по патот биле жртви на разбојништво од вооружени групи. Во кампот се веќе шест дена, а психичката состојба на неколкумина од нив се влошува поради неизвесноста за
нивната ситуација. Во текот на неделата им беше кажано од службите дека мора да го напуштат кампот, па тие се разотидоа во непознати правци.