Во дванаесеттиот неделен извештај за состојбата со бегалците на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот од 4 до 10 јануари 2016 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права нотира намалување на бројот на бегалци.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во овој период се регистрирани 11.211 бегалци, што е за 30% помалку од минатата седмица, кога беа регистрирани 16.014 бегалци. Работите во кампот се одвиваат во најдобар ред, без неправилности. Во овој период, хигиената во кампот е подобрена. Продавачите на цигари кои порано продаваа преку оградата, сега може да се забележат внатре во кампот. По пријава на набљудувачите тие го напуштиле кампот.
Институционално постапување
Во почетокот на неделата, кампот го посетија две групи со околу 15 претставници на унгарската полиција, со цел да се запознаат со начинот на функционирање во кампот, начинот на регистрација, третманот на бегалците и нивно транспортирање. Во текот на неделата, покрај унгарската, присутни беа претставници и на српската полиција, а посета оствари и чешка делегација. Се забележува намалување на бројот на припадници на армијата на граничната линија.
Полицијата постојано се соочува со групи на бегалци кои се движат по илегални патишта во околината на Гевгелија. На 08.01.2016 година, полицијата затекнала група од околу 30 бегалци кај браната „Паљурци“, Богданци. Еден дел од групата беа доведени во кампот во Гевгелија, каде што беа претресени од страна на полицијата, а потоа депортирани на грчката страна. Другиот дел од групата беа директно депортирани, без да влезат во кампот.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Работата во кампот се одвива во релативно мирна атмосфера, без неправилности и инциденти. Греењето функционира во големите шатори каде што бегалците остануваат да преноќат кога има ниски температури и поголем број на мали деца кои патуваат, па не можат да патуваат преку ноќта. Транспортот на инвалидните лица кон Србија веќе не претставува проблем.
Институционално постапување
Таканаречените „економски мигранти“ односно бегалци кои потекнуваат од земји различни од Сирија, Авганистан и Ирак, и понатаму се присутни во кампот. Оние кои што ќе пристигнат во кампот, се регистрираат од страна на полицијата и се враќаат во Гевгелија, а потоа кон Грција. Голем дел од нив се разотидуваат низ околните села.
На 06.01.2016, двајца Мароканци пристигнаа во кампот. Според нивните наводи, тие биле малтретирани, тепани и ограбени во Демиркапискиот регион. Им биле одземени пари и мобилен телефон. Случајот е пријавен, а полицијата во кампот зеде нивни изјави. Истиот ден, тројца државјани од Мароко биле нападнати од тројца вооружени напаѓачи, при што им одзеле 900 евра. Само еден ден подоцна, двајца државјани на Мароко исто така биле нападнати од непознати лица во близина на Скопје, кои со бејзбол палка и електро шокови ги мачеле и им одзеле пари и мобилен телефон. Два дена подоцна, истите луѓе биле нападнати во близина на Куманово, од страна на две лица кои ги превезувале со автомобил.