Хабитат Македонија, ДРОМ од Куманово и Креација од Скопје на завршна конференција за проектот „Одржливи модели за вработување на Ромите“ која се одржа денес во Скопје, ги преставија резултатите од проектот и го претставија развиениот модел за вработување на Ромите.
Ромската заедница и понатаму останува една од најмаргинализираните и обесправени групи во Македонија. Во 2007 година, Хабитат Македонија го основа Фондот за домување за Роми, и оттогаш па наваму има развиено различни програмски активности посветени токму на подобрување на условите за живот на Ромите. Последен од оваа низа активности е проектот “Одржливи модели за вработување на Ромите”, финансиран од Европската Унија, во рамки на инструментот ИПА 4. Проектот се спроведуваше во соработка со ДРОМ од Куманово и Креација од Скопје, во тек на 12 месеци.
Проектот „Одржливи модели за вработување на Ромите”, кој ја продолжува работата и влијанието на Хабитат Македонија во ромската заедница, е насочен кон значително високото ниво на невработеност кое опстојува во рамки на оваа заедница, а со тоа и нискиот животен стандард и проблемите поврзани со сиромашното домување.
„Една од стратешките ориентации на Хабитат Македонија во тековниот деловен план е развој на пазарот во секторот домување. Во овој контекст, развојот на пазарот на работна сила е клучна компонента, особено имајќи ги предвид од една страна воведувањето на нови технологии и практики, а од друга страна миграциските трендови и одливот на лица со квалификации и вештини потребни во градежниот сектор“ – изјави Зоран Костов, директор на Хабитат Македонија.
Оттука, цел на проектот беше да придонесе кон одржливо интегрирање на Ромите на пазарот на трудот преку подобрување на нивните вештини за вработување во градежниот сектор, секторот за домување и енергетска ефикасност. Активностите беа насочени кон зголемување на потенцијалот за вработување на ромската популација, обезбедувајќи соодветни и пазарно вреднувани индивидуални способности (знаење, вештини, мотивација) и олеснување на пристапот до пазарот на труд преку креирање на „мрежа за вработување“ која ги поврза градежните компании и потенцијалните работници од ромската заедница.
Од јануари до декември 2017, реализирани се теоретски и практични обуки за вештини за градба за 80 учесници Роми, а сертифицирани се знаењата на 43 ромски работници. Во рамки на проектот 122 учесници од кои 48 беа жени Ромки посетуваа и обуки за вештини за вработување и мотивација, беше креирана база на податоци со сертифицирани работници и потенцијални работодавци, а беа организирани и локални саеми за вработување во Куманово и Прилеп – се со цел да се олесни вработувањето и да им се отвори можност на оваа ранлива група на граѓани да бидат поконкурентни на пазарот на трудот.
„Адекватното домување и вработувањето на ранливите групи граѓани се тесно поврзани. Затоа Хабитат Македонија презеде инцијатива за подготовка на проект што директно придонесува кон зголемување на можноста за вработување на граѓаните Роми во Куманово и Прилеп. Ромите со години наназад се социјално најранлива етничка група, со големи проблеми во домувањето кои произлегуваат пред се од ниското ниво на образование и невработеност“ – изјави Лилјана Алчева, заменик директор за програма во Хабитат Македонија.