Гужвите со пешкир до пешкир биле на слободните плажи, тврдат пазарните инспектори кои направиле над 50 контроли во Охрид

Од:

Гужвите и непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот на плажите во Охрид останаа неказнети од Пазарниот инспекторат, од каде велат дека иако постапувале според законите и прописите, не казниле никого бидејќи толкави им биле ингеренциите. Цветко Ристески, раководител на одделението на инспекцијата во Охрид за „А1он“ вели дека викендов направиле над 50 надзори и издале над 20 опомени, по кои, правните лица постапиле и веднаш ги поправиле неправилностите.

Дека мерките за заштита од вирусот не се почитувале се согласува и директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски кој вели дека се случува да добиваат и лажни дојави со цел инспекторите да бидат пренасочени на далечна локација, а за тоа време фирмите за кои постојат и фотографии дека ги прекршиле мерките да се спасат од контрола.

Раководителот на инспекцијата во Охрид, Ристески, вели дека најчест случај со кој се соочиле викендов е непочитување на мерките од страна на физички лица, а не фирмите кои раководат со плажите.

„Ние вршевме контроли и имавме две различни ситуации. Има плажи кои се пред хотели или други објекти каде за време на викендот контролиравме и по пет пати. И второ, слободни, односно јавни плажи со кои не раководи никој. Хаосот е кај слободните плажи, како што пример е Горица 3. Таму нема стопан, ние не можеме да санкционираме, тоа не е во наша надлежност и не знам како ќе се справиме. Таму треба полицијата да дејствува. Направивме повеќе од 50 надзори. Горе-долу секаде имаше информативни табли и редари, а таму каде немаше дадовме опомени и фирмите постапија. Но, гостите не го почитуваат редот, односно, физичките лица прават прекршок. Досега немаме казни, но доколку затекнеме непочитување на мерките, ќе постапиме“, вели Ристески.

Директорот Пауновски, вели дека тие имале и ќе имаат зајакнати контроли на плажите во идниот период, вклучувајќи го и продолжениот викенд кој следува. Тој објасни дека добиваат пријави по кои постапуваат, а потоа констатираат дека се лажни. Додека инспекторите да постапат на друга локација каде има прекршувања, според Пауновски, фирмите го доведуваат своето работење во склоп на правилата.

„Ние имаме стотина инспектори кои интензивно постапуваат. Постапуваме по различни дојави. Тие ми праќаа слики дека на градските плажи е пешкир до пешкир, чадор до чадор. Таму немаме надлежност и полицијата треба да решава“, вели Пауновски.

Дополнителен проблем е што плажите во Охрид немаат концесионери и со нив се стопанисува на диво, па инспекторите немаат кого да казнат за прекршувањата на мерките кои се донесени за заштита од коронавирусот.

Инаку, изминативе два дена во Охрид имаше наплив на туристи, а уште повеќе се очекува да дојдат за време на идниот празничен викенд. Патот кој води од центарот на Охрид до плажата Љубаништа беше блокиран со возила и по неколку часа. На крајбрежјето од Охридското Езеро, речиси да немаше слободен простор за сончање, а со тоа не се почитуваа ни мерките за заштита од коронавирусот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

Кражбата во средното училиште во Охрид ја извршила ученичка