На скопските поликлиники од утрово се создадоа редици и гужви за вакцинација против Ковид-19 без закажан термин. Од денеска е отворена опцијата за примање вакцина без претходна најава и граѓаните направија колони пред пунктовите.
„Гужвите се веројатно заради тоа што граѓаните сакаат да завршат работа порано пред да фатат жештините“ – вели министерот за здравство Венко Филипче.
Во Скопје вакцинирање без закажан термин, има во поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Чаир“, кои ќе работат од 7:30 до 19:30 часот, а денеска беше отворен и вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот.
За вакцинација потребно е само да се покаже документ за идентификација за да биде извршена регистрација во системот „Мој Термин“.
Од денеска почна и теренската вакцинација на населението.