Со палење копии од Букурешкиот договор групата Македонски манифест денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје одбележа 100 години од тој договор со кој по Балканските војни Македонија беше распарчена и упати апел за национално единство за спречување на евентуалниот нов Букурешки договор преку преговорите за името.
– Наше основно прашање на овој црн јубилеј е како да се одбраниме од вампиризмот на новиот Букурешт на истите европски сили, кој сака да не докрајчи, сега со замисленото менување на името. Одговорот е само со цврсто национално единство, храброст и самопочит, доблести кои, за жал, денес ги имаат само уште малите и столчени, а не империјалните и суетни народи. Ние групата Македонски манифест за таа цел, под мотото „Името е нашата татковина“, го повикуваме македонскиот народ на единство и натпартиска слога и свест. Го повикуваме да се разбуди и цврсто да застане во исконот на својот идентитет, од кој впрочем и никогаш не излегол, да се побуни против неговата изолација од срамните преговори за името и да им каже не на сите што прават сметка во крчма без него, рече поетот Ефтим Клетников, член на Иницијативниот одбор за формирање на групата Македонски манифест.
Според Клетников, со палењето на кобниот Букурешки договор сакаaт да го прогласат како ништовен за нив и да упатат порака до сите што сакаат на најперфиден начин да не ликвидираат дека не сме заспани, туку сме будни пред злото што тропа на нашата врата и дека ќе му се спротивставиме со сите возможни средства.
– Мали сме, но не ни недостига храброст и нема да дозволиме безгласно да бидеме ликвидирани како страшливци и малодушници. Ќе се бориме до последниот атом на духот и на силите. Ќе им кажеме на сите сегашни и идни букурешки договори кон Македонија: Смрт! Нашата порака со палењето на кобниот Букурешки договор е упатена до сите моќници што сакаат да не уништат, рече Клетников.
Групата Македонски манифест, која ја сочинуваат над 50 интелектуалци, уметници, смета дека решение за наметнатиот спор за името не е можен со оглед дека целта е бришење на Македонците како посебен народ. Тие во својот манифест оценуваат дека е време по 20 години од нефункционалната медијација во Њујорк да се покрене иницијатива за прекинување на преговорите и враќање на уставното име на државата во ОН.
Букурешкиот договор е склучен на 10 август 1913 година со кој беше ставен крај на Балканските војни, а територијата на Македонија беше поделена на соседните Грција, Бугарија и Србија.