Премиерот, Никола Груевски, одби да го потпише барањето за оставка на министерот за здравство, Никола Тодоров, по предлог на пратеничката од СДСМ, Рената Десковска која на денешните пратенички прашања рече дека тоа е единствениот прифатлив одговор на смртните случаи во здравството. Наместо тоа премиерот го одбрани министерот со тврдењето дека изминативе години се постигнати реформи и успеси, што не било случај во времето на СДСМ.
-Тодоров во изминатите години градеше, создаваше, правеше реформи, а сега добиваме резултати – рече тој.
Десковска на тоа одговори дека очекувала своето време за одговор премиерот да го искористи барем да им изрази сочувство на семејствата кои изгубија свој близок во државните клиники.
Таа побара одговорност за смртта на родилката во Гевгелија, на таа што почина во Скопје, за родилка која пред два месеци починала во Тетово, за новороденче што починало во Велес, за малата Тамара и за Ана Марија. Има сериозен недостиг на кадри во гинекологијата, рече Десковска, која цвета во приватното здравство, а згаснува во државното.
-Затоа вашите сопруги се пораѓаат во приватни установи, а не во јавното здравство. Граѓаните плаќаат здравствено осигурување, а се принудени да се лекуваат приватно. Нестручното раководење на здравствствениот систем го зема најголемиот данок – човечкиот живот. Граѓаните се повеќе плаќаат, а се помалку добиваат здравствени услуги. Имаме недостиг на кадри, недостиг на гинеколози, а катастрофални услови. Во македонското здравство работат вкупно 120 гинеколози, а 80 од нив се во Скопје. Импликациите од тоа се голема смртност кај новороденчињата, имаме поразителни бројки кои не ставаат на врвот на листата на Евростат. Од Никола Тодоров добиваме само игнорантски однос. Тој да сакаше одамна ќе заминеше и немаше да се нафати да раководи со ресор во кој е апсолутен лаик. Ги потценивте и пониживте лекарите во здравството кога им ставивте правник, лаик во здравство, а експерт за тендери – рече Десковска.
Во болницата во Гевгелија каде што почина родилката, рече таа, нема специјалист гинеколог и педијатар, па се носат од други градови.
-Знам дека милувате да шетате со микрофон и со камера, а со телефонски повик да решавате проблеми на граѓаните. Барањето за разрешување на Тодоров е веќе подготвено, фали уште вашиот потпис да го решите проблемот со водењето на лоши политики во здравството – му порача Десковска на премиерот и го остави непотпишаниот документ на бирото на собранискиот спикер.
Груевски на тоа одговори дека обвинувањата на Десковска не се аргументирани.
-Секое барање треба да има смисла, одредени нешта што ќе ги поткрепите со аргументи, а не само да се впери прстот кон некого. Да се потсетиме што остави СДСМ во здравството, каква беше ситуацијата, без инвестиции. Денеска имаме 11 пати поголем буџет во здравството од тоа време, што покажува колку вашата партија сакала да го подобри. Во тоа време немавме никаква обука за лекарите, никаков систем за организација. Денес имаме голем пресврт и подобрување, не значи дека се решени сите проблеми, но имаме енормни подобрувања. Најлесно е да се впери прстот, но дали тој има вина е друго прашање. Постојат институции и тие треба да утврдат зошто некој починал – рече Груевски.
Маја Васева