Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска оствари средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот Викторија Нуланд.
На средбата се разговараше за актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО Алијансата.
Соговорниците се сложија дека суштински важно е излез од политичката криза, за што е потребен ангажманот и придонесот на сите политички чинители во постигнување на решенија кои ќе внесат доверба во процесите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски посочи дека изборите се единствен излез од наметната политичка криза од страна на опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив, но и го посочи фактот дека за да тие се случат потребно е обврзување од страна на опозицијата дека сите услови за избори се исполнети, нема пречки за нивно одржување и дека ќе учествуваат на истите, со цел да не се создаваат нови изговори за нивно ново одложување.
Беше истакнато дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ врвен интерес е напредок во интеграциските процеси, членство во НАТО алијансата како и спроведување на интензивната реформска агенда поврзана со ЕУ која подразбира дополнително унапредување на состојбите и критериумите во повеќе сфери, како и законските решенија кои се предложени од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Груевски се заблагодари за досегашната поддршка на САД, со што беше договорено интензивната комуникација да продолжи и во идниот период за сите прашања и области од заеднички интерес.