Груевски: Не сум купувал и продавал станови и земјишта, Заев прави театар

Од:

Уште еднаш повторувам дека ниту сум купувал, ниту продавал земјишта или станови. Ниту сум земал пари од партијата за тоа. Се е лага и валкана конструкција, тврди експремиерот Никола Груевски, азилант во Будимпешта, откако пет лица денеска седнаа во обвинителна клупа поради сомневања дека му помагале да купи земјиште на Водно од над 11 илјади квадратни метри.

Освен Груевски, обвинети се бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. На Груевски, бидејќи е недостапен за органите на прогонот, денеска Кривичниот суд одлучи да му се суди во отсуство.

За случајот Груевски тврди дека е „театарска престава во режија на Зоран Заев а во изведба на обвинителството во кое самиот нарачува случаи и издава инструкции за оние кои ги одбрал да се пресметува со нив“. Според него, станува збор за „претстава темпирана да го сврти вниманието во предизборниот период“.

„Се прашувам како тоа сум перел пари и сум го зголемил имотот кога и самите сведоци и лица кои давале изјави, колку и да биле притиснати и под тешки закани, дале изјава во обвинителството дека пред 10-11 години наводно некое трето лице им рекло да купат стан или земјишта кои тие ги купиле со свои пари и никогаш никој не им дал пари за истото. Таков е случајот со земјиште купено на јавна лицитација од некоја фирма во големина ако добро разбрав ооолу 2.400 мкв на Водно, еден стан од 60тина метри квадратни и многу слично е со земјиште во Крушево кое било купено на јавна лицитација во вредност од 40.000 денари. Па така, и денес тој стан и тие земјишта се нивни имот, на оние што ги купиле, за кој дале свои пари и не примиле пари ниту од мене ниту од било кој, како што кажале во обвинителството.
Чив имот во овие случаи сака да запленува обвинителството? Имот кој ниту сум го купил, ниту платил како што тврдат самите оние кои давале изјави во обвинителството под големи притисоци да кажат дека претпоставуваат дека тие требало да бидат мои. Како тоа сум испрал пари ако никому не сум дал никому пари и никој не земал пари во овие случаи ниту од мене, ниту од некој друг? Како сум го зголемил имотот ако не сум купил имот? Ако и по 10 или 11 години подоцна тој имот си е на име на тие луѓе кои го купиле со нивни пари како што самите се изјасниле во обвинителството“, тврди Груевски преку статус на Фејсбук.

Сепак, тој вели дека нема да дојде во судница за да го докаже ова.

„Но ќе кажам, жалам што на моја кожа ја осетив репресијата на власта, како многу пати во историјата кога се судело на личности меѓу кои и јас се препознавам, заради политички потреби, во случајот на Зоран Заев. Јас знам дека на овој човек му е потребен и овој случај за да приредува забава во која се игра со човечки судбини“, тврди тој.

Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.

Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.

Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Мицкоски повторно пред избори оди кај Никола Груевски, неговиот шеф и главен финансиер, по пари и совети

А1он

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ана Ололовска

Одложено судењето за „Плацеви на Водно“, обвинителката Стефанова ќе се тестира за Ковид-19

Ана Ололовска

Ново рочиште за случајот „Плацеви на Водно“

Ана Ололовска

Можно е замрзнување на имотот и блокирање на сметките на Груевски во странство

Кристијан Ландов

Андов демантира дека Камчев се лекува со сол и газирана вода во затворот во Шутка, немал висок притисок