ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа завршен митинг во скопско Драчево, каде лидерот на партијата Никола Груевски побара поддршка за нивниот кандидат за градоначалник на Кисела Вода, Јохан Трчуловски.
Груевски со обвинувања за политиките на Владата на СДСМ која ја нарече марионетска и неспособна. Рече дека Владата на Заев прави редефинирање на државата што, според него, се гледа во шест точки – промена на името и идентитетот на македонскиот народ, штетен договор со Бугарија, двојазичност на цела територија која, рече, се турка со неуставен закон, намера да се населат огромен број мигранти од Азија и Африка со државјанства во Македонија, зголемување на даноците и редефинирање на бракот и легализација на хомосекусални бракови со можност да посвојуваат деца.
– Овие шест точки ни тропаат на врата. Ненормалното сакаат да го направат нормално, нормалното – ненормално. Од нас зависи дали ќе им го дозволиме тоа, рече Груевски.
Го спомна и 27 април и настаните во Собранието.
– Веќе нема никаква смисла и логика да продолжи прогонот против луѓето коишто учествуваа во настаните на 27 април. И ВМРО-ДПМНЕ ќе се заложи и ќе направи максимум да им помогне на овие луѓе, независно што тие подлегнаа на провокацијта. Тие се патриоти и родољуби и не заслужуваат да им се прави тоа, додаде Груевски.
Според него, Македонија доживува фијаско во економијата што удира по џебот на граѓаните. Во 2006 година, рече, имало 7.420 вработени во Кисела Вода, а на 31 декември 2016 биле 15.200 во оваа општина.
– Сега случува катастрофа на економски план. Една странска инвестиција не донесоа, секој ден се задолжуваат, а проекти не гледаме. Го сопреа тоа што го градевме. Се фалат дека ќе ги зголемат даноците. Како е можно да се зголемат, а да не биде на штета на граѓаните и на фирмите, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот за градоначалник на Кисела Вода Јохан Трчуловски рече дека овојпат државата треба да се брани од луѓе што сакаат да ја продадат, но дека Кисела Вода и Драчево нема да го погазат, како што рече, аманетот на предците и ќе ја зачуваат.
– СДСМ во Драчево нема ставено камен на камен. Сето ова што го гледаме е изградено од ВМРО-ДПМНЕ. Во многу проекти ќе продолжиме и во наредниот период. Со санирање на улици, доизградба на киното во Драчево, нова спортска сала во ОУ „Рајко Жинзифов“, нова градинка и други проекти во интерес на сите драчевчани и жители на општина Кисела Вода. Нашиот ангажман ќе продолжи со многу поголемо темпо и енергија за да ја направиме Кисела Вода општина со која ќе се гордееме сите, рече Трчуловски на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во скопско Драчево.