Поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија, според унгарските закони, може да побара азил врз основа на два услова – ако има статус на лице под заштита или статус на прифатено лице, а постапката би траела до 90 дена.
Со оглед на законски пропишаните одредби за роковите за спроведување на целата процедура и искуствата од пракса, унгарските власти треба да се изјаснат за барањето на Груевски за азил во рок од осум односно 15 дена, а за остварувањето на правата од азил за 45 до 90 дена.
Според унгарскиот и меѓународниот закон, во земјата секој странец има право да побара азил доколку во неговата земја бил изложен на прогон, тортура или сериозно му биле нарушени човековите права. Пропишани се три основи за добивање азил во оваа централно европска земја.
Доколку е бегалец (ако личност ја напуштила својата земја поради оправдан страв од злоставување заради својата раса, религија, националност, политичка определба или припадност на одредена социјална група), ако има статус на лице под заштита (личност на која во неговата земја му се заканува реална опасност од смртна казна, тортура, нехуман или деградирачки третман или казна и ако се соочува со сериозна закана по животот заради оружен конфликт). Третиот услов е доколку станува збор за лице кое има статус на прифатено лице, кое има оправдан страв од прогон, тортура, нехуман или деградирачки третман или смртна казна, но кое неможе да ги ужива бенефициите на статусот бегалец односно на посебна заштита, на пример заради обвинение за сериозно злосторство.
Можноста да побараат азил законот им ја дава и на лица кои илегално влегле на унгарско тло и илегално престојуваат во земјата. Доколку ги исполнуваат условите за добивање азил нивниот статус во Унгарија ќе стане легален. Важно е притоа веднаш штом влегле во Унгарија илегално или со лажни исправи да се обратат доброволно до емигрантската служба или до полицијата.
Процедурата за добивање азил се состои од два дела – процедура за усвојување на барањето за азил после која може да почне процедурата за остварување на правото на азил. Процедурата за усвојување на барањето на азил трае најмногу 15 дена од датумот на поднесување на барањето. Можно е да трае и подолго, а доколку барањето биде поднесено на аеродром, тогаш емигрантската служба треба да го заврши процесот на негово усвојување за осум дена. Барањето ќе биде одбиено ако станува збор за лице граѓанин на земја членка на ЕУ, ако е веќе прифатено како бегалец или е со статус на бегалец во друга земја членка на ЕУ или повторно го поднесува барањето за азил откако еднаш веќе бил одбиен без да наведе нови аргументи.
Доколку емигрантската служба го одбие барањето за азил лицето има право на жалба во рок од три дена. По жалбата одлучува Метрополитен судот во Будимпешта во рок од осум дена, но, ова во пракса трае подолго особено ако лицето побара да сведочи на судот. Во реалноста процедурата за усвојување на барањето за азил во најдобар случај треба да биде завршена за две недели , а може да трае и до шест месеци.
Ако се помине процедурата за усвојување на барањето за азил следи вториот дел од постапката, а тоа е процедурата за остварување на правото за азил. Во овој дел од процедурата емигрантската служба испитува дали лицето ги исполнува условите за статус на бегалец, статус на прифатено лице или статус на лице под заштита. Предвиден е разговор со службеник на емигрантската служба по што можно е да биде повикано на разговор и од Службата за национална безбедност. Рокот за решавање на процедурата за остварување на право за азил е 60 дена, а законски може да биде продолжена за уште 30 дена. Емигрантската служба одлуката ја донесува во рок од 45 до 90 дена. По завршувањето на вториот дел на процедурата за азил емигрантската служба може да донесе одлука за доделување на статус на бегалец,статус на лице под заштита или признавање на статусот на прифатено лице, но и одлука за одбивање на барањето, а доколку лицето „исчезне“ во текот на процедурата тогаш таа се прекинува и се затвора.
По однос на одлуката на емигрантската служба лицето може да поднесе жалба во рок од 15 дена.
Доколку лицето добие статус на лице под заштит, тоа обично трае пет години, но властите можат повторно да го разгледаат или да го укинат порано. Статусот на прифатено лице е во траење од една година, но властите исто така можат повторно да го разгледаат или да го укинат порано. Лицата кои имаат статус на бегалец и статус на лице под заштита не може слободно да патуваат во други земји членки на ЕУ. Кај лицата со статус на прифатено лице исто така не можат слободно да патуваат во други земји членки на ЕУ.
Лицата кои се стекнале со право на азил по сите три основи може да ги доведат членовите на нивното семејство во Унгарија.
Поранешниот премиер Никола Груевски по кого е распишана меѓународна потерница за издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, вчера преку Фејсбук објави дека избегал во Унгарија и оти ќе барал азил поради „политички прогон“.