Поранешниот премиер, Никола Груевски, денеска не дојде во судот каде што по барање на неговите адвокати требаше да се одржи рочиште за враќање на неговиот пасош. Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, рече дека Груевски доставил до нив покана од унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Според неа, Груевски двапати не доаѓал додека се водела истрага. Еднаш бил во Малта, другпат се правдал дека има политички активности во Делчево и во Македонска Каменица.
„Ако Груевски не дојде, тоа ќе биде причина да се одлагаат рочиштата и за другите 20 обвинети во Титаник”, рече обвинителката Стефанова. Таа додаде дека и во случајот „Кампања“ за лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, имало иста ситуација.
Адвокатите на Груевски се повикаа на одлуката на судот на Заев да му биде вратен пасошот во случајот „Пуч“.
Обвинителката рече дека адвокатите на Груевски пред судиите говореле за него како за политичар.
Адвокатот на Груевски, Боро, Тасевски, на судиите им рече: „Одлучувате за функционирањето на најголемата партија во државата и на најголемата опозициска партија“. Тој смета дека со одземањето на пасошот и обврската Груевски да се јавува еднаш месечно во судот се прави маргинализација на партијата.
„Држава со маргинализирана опозиција не е ништо добро“, рече Тасевски.
Судечкиот совет составен од судиите Љиљана Ивановска-Шопова, Африм Сејдани, Цеветанка Периќ треба да одлучат за жалбата на Груевски.
Скопска Апелација денеска повторно требаше да расправа за пасошот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Адвокатите на Груевски, кој е обвинет од СЈО во случаите ТНТ, „Титаник“ и „Насилство“, се жалеа на одлуката на Кривичниот суд да не му го врати пасошот нему и на Сашо Мијалков.
Тие бараа судот да постапи на ист начин како со одземениот пасош на премиерот Зоран Заев, кому судот подоцна му го врати пасошот во случајот „Пуч“.
Пасошот на Груевски му беше одземен на 3 јули годинава со одлука на скопскиот Кривичен суд на барање на специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“.
Васко Маглешов