Извештаите на Министерството за финансии покажуваат дека Владата предводена од Никола Груевски во 2015 година донирала 5.5 милиони евра, за разлика од Фондацијата Отворено Општество, која истата година донирала 3.5 милиони евра. Намерно или не, Груевски во едно интервју спинуваше велејќи дека Соросовата фондација е монопол бидејќи дава најмногу средства за невладините организации.
– Граѓанскиот сектор не смее да остане во рацете на Сорос и на странски влади. Потфрливме во одвојувањето на посериозни средства за граѓанскиот сектор а тоа е најважна мерка во планот за десороизација на општеството и мора да се најдат средства за да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија, рече Груевски во интервјуто.
Според економскиот експерт, Бранимир Јовановиќ, изјавата на Груевски дека Фондацијата Отворено Општество има монопол на невладиниот сектор е голема невистина.
– Владата всушност донира цели 2 милиони евра повеќе на невладини организации од „Сорос“. Во 2015 година, Фондацијата „Сорос“ донирала околу 3.5 милиони евра на невладини организации, а Владата донирала дури 5.5 милиони. Не само што Владата донира повеќе на невладини од „Сорос“, туку тоа таа го прави и на многу помалку транспарентен начин. Во годишниот извештај на „Сорос“, кој може лесно да се најде на нивниот сајт, се наведени сите организации и проекти кои тие ги поддржале. Владата никаде не објавува како ги потрошила овие 5.5 милиони евра „трансфери до невладини организации“. Иронично, единствените анализи за тоа како се потрошени овие народни пари ги направиле токму одредени невладини организации кои се финансираат од странство (МЦМС и Скуп Македонија), вели Јовановиќ за А1он.
Законска одредба за да се објавуваат овие факти пред јавноста нема, но ако Фондацијата Отворено Општество може да го направи тоа образложувајќи финансии кои доаѓаат од џебот на Џорџ Сорос, истото треба да го стори и Министерството за финансии.
Одговор за тоа зошто не е јавно достапно каде отишле парите и дали може да се дојде до тој податок со оглед на тоа што тоа се финансии од државната каса А1он се обиде да добие од портпаролот на Владата, но тој не одговори на нашите повици.
Груевски освен на невладините, милионски суми во изминатите години префрлаше и на за него подобни медиуми, што ни од далеку не се споредува со сумата која е издвоена од Фондацијата Отворено Општество. Како и во случајот со А1 телевизија, Груевски не сака конкуренција во контролираниот медиумски и невладин сектор и затоа тргна во кампања за нивно оцрнување.
Во нападите, Груевски заборави да каже дека над 45 милиони долари завршиле и во неговата Влада, односно во министерствата, од кои 32 милиони долари во образование, а 13.5 милиони долари во јавното здравство.
Александар Тодески