(ВИДЕО) Груевски да си поднесе оставка – единствен излез од политичката криза

Од:

Единствениот начин да заврши политичката агонија во која се најде земјава, според аналитичарите, е преку преземање одговорност за објавените коруптивни скандали во кои се вмешани првите луѓе на Владата. Според упатените првиот чекор за излез од политичкиот ќорсокак е речиси невозможниот – премиерот, Никола Груевски, да сноси одговорност и да поднесе оставка.

Оставка од Груевски беше побарано на денешната дебата во Гем клуб, на тема „Дали кризата е политичка, или државата е во криза?“, во организација на невладината „Профицио“. Во дебатата учествуваа поранешниот заменик министер за здравство, Владимир Лазаревик, уредникот на порталот „Окно“, Никола Гелевски, и колумнистот за „Фокус“, Џељо Хоџиќ.

Лазаревик и Гелевски се согласни дека европската заедница не ја одигра улогата на покровител и е еднакво виновна за сегашната неповолна ситуација во која се најде Македонија, затоа што со резигнираност ги следела процесите кои доведоа до тоа.

Не е само државата руинирана, вели Гелевски, туку целото општество.

– Болниците и школите се претворени во груевистички бункери, пунктови за партиско вработување, до тој степен е се руинирано. Во тоа не е мала заслугата ниту на европјаните, затоа што немо го гледаа подемот на Груевски и гниењето на Македонија. Рамнодушно гледаа овие години и запишуваа позитивни оценки додека институциите се распаѓаа. Не може да се занемари нивната улога во растењето на груевизмот – посочи тој.

Лазаревик се согласува дека е неопходно поактивно учество на Европската Унија во решавање на кризата. Според него треба да се стават на страна дипломатските пораки и на владејачката структура да и се испратат покесплицитни пораки со појасна содржина. Според него не се доволни забелешките кои се обвиткани во „дипломатска обланда“ затоа што провладините медиуми ги извртуваат во корист на власта.

Груевски, вели тој, е човекот што ја уништи администрацијата со тоа што се вработуваат луѓе кои се слепи послушници на неговите барања. Од таму премиерот ја сноси целата одговорност за ситуацијата и, според Лазаревик, потребно е да поднесе оставка пред да се случи целосен колапс.

Гелевски смета дека психолошкиот профил на премиерот ја детерминира Македонија без разлика дали во урбанистичкото уредување, во надворешната политика или во проектите. Од тие причини, вели, голема е опасноста од радикализација затоа што нема никаква одговорност во првите луѓе на државата.

– Не постои никаква одговорност во владеењето, политиката е сведена на спин и пи-ар. Нема никакво разбирање на односите во политиката, исклучена е димензијата одговорност. На пример во сите овие години немаше оставки во министерствата и покрај бројните афери за корупција. Тоа зборува за нарциосоидност и обземеност со себе си. Би било поефикасно кога Груевски би ја презел целата одговорност врз себе и поднесе оставка – поентираше уредникот на „Окно“.

На прашањето дали е можна радикализација, Хоџиќ одговори дека поверојатно е тоа сценарио отколку премиерот да поднесе оставка под влијание на бомбите.

– Македонија многу скапо ќе го плати груевизмот и не очекувам убав тек на настаните. Можно е предвреме да се распишат избори, без учество на опозицијата, само за власта да си го потврди легитимитетот. Можно е и да се исценираат меѓуетнички тензии и да се дефокусира јавноста. Како и да е песимист сум за тоа како ќе се одвива ситуацијата – вели Хоџиќ.

Лазаревик, пак, вели дека единствениот излез од политичката криза е преку техничка влада која би била составена од експерти, а не од партиски кадри, која би функционирала околу една година, пред да се распишат нови избори. Се со цел да се деполитизираат институциите за следните избори да не бидат фалсификувани. Според него помала е можноста за радикализација.

– Секој ден е загубен за Никола Груевски. Не е нереално да се претпостави дека партијата ќе се најде на буништето на историјата. Нашата порака до членовите е да им кажеме да се тргнат од Груевски. Како државата, така и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во најголемата криза до сега. Радикализација не е исклучена, но мислам дека нема да дојде до тоа затоа што албанската популација е свесна за тоа што се случува – смета Лазаревик.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Негативни коментари по дебатата на МРТ: „Ова не е дебата, туку квиз“

Јакимовски е против уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот

Евакуација во Ниш, ќе се дислоцира стара, но моќна бомба на НАТО

Горан Наумовски

Поради наводно подметната бомба евакуирана болница во Москва

Горан Наумовски

Експлодира бомба во центарот на Атина, оштетена зградата на Министерството за труд

Дојава за бомба во РТС