Груби и Николовски: Неприфатливо е што Пауновски се буни, не креваше телефон кога го баравме за решение

Од:

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, за кого премиерот Зоран Заев денеска кажа дека ќе биде разрешен откако јавно реагираше за несоодветните кадри кои му се налага да ги вработи во Инспекторатот, нема право кога реагира, затоа што знае дека Владата има одобрено посебни 15 вработувања во ДПИ, кои немаат врска со распределбата на веќе вработените според правична застапеност.

Ова стои во владината реакција во врска со случајот со Пауновски, на која заеднички се потпишани вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски.

Еве го во целост нивното соопштение:

„Со усвоениот План за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, којшто беше усвоен на 40-тата владина седница, Владата најде решение за еден сериозен децениски проблем за кој реагираа граѓаните. Согласно Законот за преземање административни службеници, 1.349 вработени според програмата за правична застапеност конечно се распределуваат на конкретни работни задачи во вкупно 237 институции. Тоа не се нови вработувања туку станува збор за решение со кое државата конечно обезбеди конкретни ангажмани за вработени лица кои со години беа причина за незадоволство кај јавноста од една страна, а кои во исто време не добиваа никакви работни задачи од институциите, од друга страна.

Спроведувањето на решението е распределено хоризонтално и солидарно со вклученост на дури 237 институции и до сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе.

Процесот е започнат и досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои конечно се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман.

Од почетокот на следниот месец, започнува распоредувањето на друга група по утврдениот план и тоа: 18 во Агенцијата за вработување, три во Инспекторат за јазици и шест во Централен регистар. Исто така, 143 се во процедура да почнат со реален работен ангажман во МВР, а 101 во УЈП. Од вкупната бројка на лица што се распоредуваат, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и се на трансфер листа, 13 самите дале отказ, а останатите ги исполниле условите за старосна пензија. Според овие податоци, успешноста на планот е речиси 90 проценти.

Вработените се распоредуваат во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува. Овие лица се веќе вработени, за нив не се потребни дополнителни финансии, и согласно Планот, по распределбата во конкретните институции, нивната работа ќе биде оценувана според критериумите на мерит системот.

Административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример, побарувањата што ги имаат инспекторатите.

Побарувањата за нови вработувања одат низ засебна, целосно одвоена процедура врз која никако не влијаат овие распоредувања.

Согласно тоа, Владата на 43-тата седница има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите, при што ги има задолжено Министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за политички систем да ги одобрат годишните планови за вработување на инспекциските служби, а особено за Државниот пазарен инспекторат. Станува збор за нови вработувања кои никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност.

Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок.

Затоа, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри.

За секое несогласување околу владини одлуки постоеле и постојат јасни механизми истото да се оствари низ институциите преку соодветната организациска поставеност, преку службени белешки, преку работни состаноци, на кои се аргументираат спроведувањето на политиките и одлуките во реализацијата на програмите на Владата. Воедно, ја известуваме јавноста дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.

Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Според членот 4 носителите на извршни функции ги вршат своите јавни овластувања и должности согласно Уставот, законот и другите прописи донесени врз основа на закон. Согласно членот 6 носителите на извршни функциите слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе бидат донесени, а во своите јавни настапи политиките ги презентираат во согласност со овој Кодекс.

Според членот 10 од Законот за државен пазарен инспекторат, со работите на инспекторат со кој раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија, а според член 14 од Законот за инспекциски надзор, со инспекторатот раководи директор на инспекторат, кој го именува и разрешува Влада во согласност со законот.

Исто така, согласно член 6 од Закон за организација и работа на органите на државна управа самостојниот орган на државната управа, каков што е Државниот пазарен инспекторат, за својата работа одговара пред Владата на Република Северна Македонија, а во законот се предвидени постапки за непочитување на одлуки на Владата, меѓу кои и предлог за разрешување,“ велат Груби и Николовски во владиното соопштение.

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

(ВИДЕО) Министерот Николовски заедно со земјоделците од Свети Николе денес ги потпишаа првите договори за продолжување на закупот на земјоделско земјиште

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

Николовски: Земјоделците од Кочанско рекордери во искористувањето на ИПАРД поддршката, утре ќе биде објавен новиот повик за мерката 3

Николовски од Берово: Продолжуваме со поддршката на жените земјоделки

Горан Наумовски

Николовски: Досега 838 млади земјоделци успешно ја реализирале поддршката со мерките на МЗШВ