Во Грција денеска е актуелен одговорот на премиерот Андонис Самарас на писмото на шефот на македонската Влада Никола Груевски, но исто толку внимание се посветува и на реакциите во Скопје.
На грчките новинари кои се занимаваат со ова прашање им пречи тоа што „провлaдините медиуми во Македонија го обвиниле Самарас за ароганција, истакнувајќи дека грчкиот премиер ги одбил предлозите на Груевски за создавање работни групи предводени од премиерите на двете земји, кои преку интрензивни консултации со медијаторот Метју Нимиц би нашле решение за прашањето за името“.
– Провладините медиуми во Скопје коментираат дека негативниот одговор на Самарас ја потврдува индифeрентноста на грчката страна за прашањето за името, пишуваат грчките медиуми, меќу кои и весниците „Катимерини“ и „Експрес“.
Во Грција денеска се пренесува и изјавата на извори од македонското МНР за МИА дека „во одговорот Самарас претпочита да нема фокусирање врз потребата од напредок и позитивно придвижување во процесот“.
– Според истите извори, Самарас не покажува волја за фокусиран и интензивен дијалог за надминување на спорот во рамки на процесот дефиниран во ОН, а вината за блокирањето на Македонија ја префрла на сметка на ЕУ, пишува „Катимерини“ не додавајќи свој коментар.