Позицијата на грчката надворешна политика во врска со името на Македонија останува сложено име со географска одредница за секаква употреба, повтори заменик-министерот за надворешни работи Константинос Циарас.
Пратеникот на Златна зора Крис Папас во Парламентот повторно го покрена прашањето „да не се дозволи употреба на терминот Македонија или негови деривати во името на соседот“. Потенцирајќи дека министерот за надворешни работи Аврамопулос прифатил употреба на сложено име, тој праша „од каде Аврамопулос ја донел таа одлука и дали води тајна дипломатија за името“. – Македонија не е име на бренд за да може да се дава. Не смее да се изнајмува ниту да се дозволи да се употребува некаде, рече пратеникот на неонацистичката партија.
„Владата води цврста политика која ја поддржуваат мнозинството политички сили во земјава. Во 1995 година потпишавме договор со ПЈРМ за изнаоѓање заемно прифатливо решение. Во овој договор земјата се нарекува Поранешна jугословенска Република Македонија, што беше прифатено во ОН. Ние јасно ја дефиниравме рамката за решение: име со географска одредница за секаква употреба. Географски опис кој укажува на фактот дека еден дел не може да ја претставува целината“, изјави Циарас.
Според него, кога ќе има предлози кои се совпаѓаат со ставот на Грција, тие можат да бидат основа за преговарање. Циaрас информира дека преговорите во ОН се доверливи и никој не може да го предвиди исходот.