Сите грчки медиуми јавија за посетата на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК Кетрин Ештон на Македонија, засега без коментар.
Најважно од престојот на Ештон во Скопје за грчките медиуми е тоа што таа ја истакнала важноста од зајакнување на добрососедските односи и изнаоѓање решение за прашањето за името за да се овозможи напредок во евроинтеграцијата на земјата, јави дописникот на МИА од Атина.
Засега во Грција нема коментари по вчерашното објавување на пролетниот извештај на Европската комисија за Македонија. Нема ниту збор дека Комисијата цврсто стои зад препораката до Советот од октомври минатата година за отворање на пристапните преговори со Македонија.
Некои медиуми само јавуваат дека еврокомесарот Филе изјавил оти во извештајот стои дека ЕУ одблизу ја следи имплементацијата на политичкиот договор од 1 март меѓу Владата и опозицијата и истакнал дека се уште не функционира Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември.
Провладиниот весник „Катимерини“ само коментира дека „позитивен извештај на ЕК ќе ги искомпликува работите за Атина, но не значи автоматски дека Европскиот совет ќе ја прифати препораката на Комисијата“.