Пратениците во грчкиот Парламент од владејачката Неа Демократија, Јоанис Кефалојанис и Дионисиа Авгеринопулу, синоќа во Брисел порачаа дека Грција не може да биде солидарна кон Република Македонија, кога, според нив, таква земја не постои. Во рамки на конференција „Од грчки излез од еврото до грчко опоравување” што се одржа во организација на германската невладина Ханс-Сејдел Штифтунг се одржа во Гете Институтот во Брисел, грчките пратеници, заедно со историчарот Антониос Клапсис, одговараа и на прашања на дописникот на МИА од Брисел.
Запрашани дали по покажаната солидарност од страна на земјите-членки на Европската унија и пред се на оние од Еврозоната за спас од банкрот на Грција, сега не е време оваа земја да покаже трошка солидарност кон Република Македонија и да дозволи македонската држава што осум години е кандидат, конечно и да ги почне преговорите за членство во Европската унија и да влезе во НАТО, пратениците од партијата на Самарас најпрво со единствена реакција: – Како да бидеме солидарни кон Република Македонија, кога таква земја не постои!
Додавајќи дека тоа прашање за Грција е „ирелевантно”, пратеничката Авгеринопулу посочи дека нејзината земја покажала солидарност кон сите земји кои тоа го побарале, а дека во државата БЈРМ, Грција има економско присуство и „има позитивен пристап за поддршка на економијата, преку инвестирање во земја”.
– Ако некој покажал солидарност, тоа е сигурно Грција. Покрај билатерални напори и инвестиции што ги прави Грција во БЈРМ, ние партиципираме и во мултилатерални шеми преку Европската унија и преку меѓународни организации и парите кои доаѓаат во земјата се и наша помош, рече Авгеринопулу.
Нејзиниот колега од грчкото Собрание и партијата Неа Демократија, Кефалојанис, пак, потенцирајќи пред присутните дека односите меѓу Грција и државата БЈРМ, оти тоа било името признаено во светот на нивниот северен сосед, биле одлични пред се на економско ниво и дека земјите се партнери.
– Ние ја поддржуваме интеграцијата на оваа земја во сите европски структури, ЕУ и НАТО, додека да најдеме заедничко прифатливо решение на сите нивоа, билатерално, мултилатерално. Мислам дека секоја иницијатива за да се надминат проблемите е во заеднички интерес. А, за време на претседателството со ЕУ, Грција ќе ги покани сите земји од Западен Балкан, се разбира оние кои ги почитуваат правилата, за да им помогнеме на европскиот пат. Ќе дискутираме без конфликти оти ова е голем интерес на сите нас. Балканските земји и Европската унија, додаде пратеникот во грчкиот Парламент.
Прашањата на дописникот на МИА ги разбудија духовите кај присутните 200 гости во салата, претежно грчки државјани, кои гласно негодуваа пред се на изговорањето „Република Македонија”, „македонски” и „македонска држава”.
Инаку, конференцијата што на почетокот ја отвори грчката европратеничка Мариета Јанаку, која потоа веднаш замина и не одговараше на прашања од публиката, мина во слави за грчкото економско опоравување и порака дека Грција успеала да се справи со партијата „Златна Зора”, која според говорниците „идната година можела да дојде и во Брисел преку претставници-европратеници”, па дека затоа е добро сега ЕУ и еврозоната да му дадат уште пари на нашиот јужен сосед за целосно да застане на нозе.
– Без солидарност, европската интеграција подоцна ќе умре. ЕУ е заедница од принципи и мир, па мора сите партнери да и подадат рака на Грција и тоа да го прават додека катализаторот не се случи и потенцијалната експлозија поради лошата финансиска состојба не стане минато, порача историчарот Антониос Клапсис.