Грчките медиуми без коментари и анализи информираат за вчерашната средба на медијаторот Нимиц со амбасадорите Јолевски и Василакис, јави дописникот на МИА од Атина.
Насловите на извештаите се воглавно информативни и гласат „Нимиц со нов предлог за прашањето за името“, додека провладиниот весник „Катимерини“ веста ја наслови „Нов предлог од Нимиц за името – притисоци од ЕУ“.
Во текстовите се цитираат дипломатски извори според кои, по Велигден ќе има нова рунда средби.
Грчките медиуми во целост ја пренесуваат изјавата на медијаторот по средбата со амбасадорите на Македонија и Грција, и сите го објавуваат неговиот одговор на прашањето на МИА за интересот на европските држави за спорот меѓу Македонија и Грција, во пресрет на очекуваното отворање на преговорите за членство во Европската унија.
– Многу земји се заинтересирани за овие разговори. Повеќето европски држави, САД, а повремено и држави од други делови на светот. Ова е многу важно регионално прашање, европско прашање кое носи последици и затоа интересот е голем, изјави Нимиц.
Неколку медиуми, меѓу кои и „Катимерини“, во истиот извештај од средбата во Њујорк јавуваат и за вчерашната посета на еврокомесарот за проширување Штефан Филе на Скопје за која истакнуваат дека „тој отворено ги повика политичките сили во Македонија да се фокусираат на европската перспектива на земјата и да ги остават на страна нивните несогласувања кои можат да влијаат врз пристапниот курс на Скопје“.