Грчката дијаспора во Америка и Австралија не престанува со кампања против уставното име на Република Македонија и со повици кон грчката Влада да не прифаќа име кое ќе го содржи терминот Македонија.
Иако австралискиот министер за надворешни работи Боб Кар пред неколку дена се изјасни за поинтензивна билатерална соработка меѓу Македонија и Австралија, што не беше толку медиумски покриено, грчката дијаспора денеска ги користи сите медиуми што и се на располагање за да објави дека лидерот на австралиската опозиција Тони Абот изјавил оти ако дојде на власт нема да ја смени досегашната политика на Австралија кон уставното име на Македонија.
На новинарско прашање дали ќе има промени на позицијата на Австралија за прашањето за името, Абот изјавил дека ќе продолжи да ја поддржува сегашната владина политика.
И тоа не би било некаква нова вест, доколку медиумите не ја пренесоа како „Абот категоричен“, „јасно и гласно истакна“, „прати порака“ и слично.
Според весникот на Грците во Австралија „Неос Космос“, Абот „со внимателно избрани зборови ја повторил неговата поддршка за процесот под покровителство на ОН кој се води со цел поситгнување договор меѓу Атина и Скопје за преименување на поранешната југословенска Република Македонија“. Тој исто така смета дека „е важно Австралија да игра соодветна улога во решавање на сите овие меѓународни спорови“.
Од друга страна, колку за потсетување, истиот тој Абот кога се во прашање Македонците во Австралија, и покрај противењето на грчката дијаспора, кога им се обраќа на нашинците го користи терминот „македонска заедница“.
Во меѓувреме, викендов во Лерин се одржа конгрес на „Панмакедонската асоцијација“ – организација на грчките иселеници во САД кои се едни од најгласните и најрадикалните кога станува збор за името на Македонија. Тие и овој пат ја повикаа грчката Влада да не прави компромис за името на нашата земја и побараа во Грција да се распише референдум за прашањето за името.
Грчките иселеници, кои себеси се нарекуваат „македонци“, сметаат дека нивна „света должност е да се борат за правата на Македонија“.