Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција десет месеци истражува евентуални злоупотреби при одобрувањето на грантовите во Фондот за иновации и технолошки развој. Обвинителството отвори предмет по допрен глас лани на крајот на јули по сомневањата дека тукушто формирани компании и компании блиски со функционери добиле по неколку стотини илјади евра од државата за иновации.
„Предметот во врска со евентуалните злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој е во предистражна постапка. Сослушани се околу 80 стручни лица. По прибраната материјална документација, надлежниот обвинител издаде наредба за прибирање информации од стручните лица што постапувале во постапките на јавниот повик. Се прибираат и други материјални докази кои произлегоа при спроведувањето на постапката“, велат од обвинителството за „А1он“.
Од обвинителството нема објаснување зошто толку долго трае постапката отворена по објавување на резултатите по јавниот повик за финансирање проекти во третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран. Обвинителството тогаш соопшти дека ќе утврдуваат дали Фондот за иновации направил злоупотреби и дали има кривични дела во постапката на одобрување на грантовите.
Откако обвинителството оформи предмет, апликациите за грантови ги повлекоа компаниите поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот Хари Локвенец, а Фондот побара сите останати да достават изјави за поврзаност со функционери. Само четири од 77 компании се изјаснија дека се поврзани со носители на јавни функции. Тоа се компаниите „Декодикс“ поврзана со советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова, „Микросам“ на поранешниот министер без ресор Веле Самак, „Контура“ поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев и „Т – сенс“ поврзана со актуелниот министер за култура, Асаф Адеми. За овие четири фирми „Транспаренси интернешнал – Македонија“ направи проценка на ризик и утврди ниво на среден ризик од влијанието на јавната личност кај сите, со тоа што „Микросам“ на Веле Самак е поблиску до низок ризик, а „Декодикс“ поврзана со Цветанка Ласкова е на граница со висок ризик па не ги исполнува условите за добивање на парите. Пред да биде направена проценката на ризик од сопствеништво се изземаа снаата на Цветанка Ласкова од „Декодиск“ и сопругата на министерот Асаф Адеми од „Т- сенс“, но без разлика на изземањата, проценката беше направена.
Годинава, пак, компанијата „Декодиск“ и покрај тоа што снаата на Ласкова се иззема од сопствеништво, се откажала целосно од грантот и ја повлекла апликацијата.
Со останатите три компании што се изјаснија дека се поврзани со носители на јавни функции, договорите сè уште не се потпишани. Нивните апликации и целата постапка за одобрување на парите, Фондот за иновации самоиницијативно ги испратил во Државната комисија за спречување корупција и од нивната одлука ќе зависи дали договорите ќе бидат потпишани.
Во меѓувреме фондот одобри грантови на уште многу компании по неколку различни повици и кај сите се спроведува протоколот за поврзаност со носители на јавни функции.
Маја Илиевска-Пачемска