Граѓанските организации бараат да запре прогонот врз невладините

Од:

Група од дваесет граѓански организации бараат да запре притисокот врз граѓанскиот сектор од страна на централната власт.

„Во името на дваесет граѓански организации и во интерес на граѓанското општество сакаме да ги споделиме со јавноста екстремните притисоци на кои бевме изложени и кои сѐ уште ги трпиме последниве пет месеци.

Уште во декември започнаа првите организирани контроли врз нашите организации од страна на повеќе институции. Во истиот период тогашната владеачка партија ВМРО ДПМНЕ јавно повика на прогон врз граѓанските организации, што дава причина да веруваме дека овие контроли не се рутински туку наменски и со цел да наштетат на нашите организации. Иако институциите имаат право да вршат контроли, начинот на кој течат наведува дека ова не се редовни професионални проверки туку станува збор за користење на институциите за политички притисок. Неколку примери за ова: во налозите за контролите нема објаснување што и зошто се контролира; ние сме приморани да даваме информации без да знаеме во кое својство го правиме тоа; налозите се издаваат од институциите во исти денови за различни организации. Шест различни институции вршат неоснована контрола: Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи на барање на Јавното обвинителство, а имаме информации дека Агенцијата за финансиско разузнавање и Државната комисија за спречување корупција имаат преземено акции.

Одговорно кажуваме дека како организации својата работа ја вршиме професинално и немаме проблем да дадеме отчет пред институциите како што тоа секојдневно и го правиме пред нив и нашите членови, донаторите и граѓаните. Веќе петти месец инспектори речиси секој ден се присутни во канцелариите на дваесетина организации, вработените одговараат бројни прашања и постојано копираме купишта документи. Институциите треба да имаат поважна работа наместо со месеци да ангажираат десетици инспектори за да вршат контроли врз невладини организации кои професионално си ја работат својата работа.

Се јавуваат и првите случаи на неправедни и конструирани казни врз организации кои со години наназад работат и помагаат на најранливите и најсиромашните граѓани. Организација која поделила 550 бебешки и 280 прехранбени пакети на сиромашни семејства во три градови е сега принудена да доплаќа даноци и казни затоа што институциите решиле помошта да ја третираат како приход за семејствата злоупотребувајќи правна недореченост. Организација која што донира зимска и пролетна гардероба за ромските деца, донира книги и сликовници, помага на луѓето да најдат работа и обезбедува здравствени прегледи – место пофалба од државата добива неправедна казна.

Со овие неправедни постапки институциите ризикуваат да се изгуби она што организациите им го даваат на граѓаните – хумантираните донации, правната помош, реновирањето на јавните простори, бесплатни обуки за работа и друга помош. Со овие акции се ризикува и Македонија да ја загуби и меѓународна финансиска помош со која се потпомагаат институциите и граѓаните.

Затоа бараме од новата власт и институциите овој притисок на коj неправедно и намерно се изложени нашите организации да запре веднаш. Бараме да се провери основаноста на контролите и да се истражи злоупотреба на службена должност за политички притисок и дискриминација. Бараме изречените казни и записниците од овие случаи да бидат поништени.

Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека сме загрижени од новата информација дека актуелната Влада доделила 800.000 евра за граѓански организации и бараме поништување на таа одлука. Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од било кој што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра сега се покачени до 50.000 евра. Поради сите овие причини бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најбрз можен рок.

Сакаме да ја известиме јавноста дека и покрај околностите и секојдневните притисоци на кои бевме изложени овие месеци не престанавме да ја работиме нашата работа. Ќе продолжиме да работиме одговорно и во интерес на сите граѓани на Македонија како контролори на власта и институциите. Ќе бидеме тука за да се грижиме дека ќе има одговорни институции и фукционално собрание отворено за граѓаните кое ќе врши надзор на власта. Ние како организации ќе продолжиме да работиме за враќање на демократијата, слободите на граѓаните и владењеето на правото во Македонија.

Со почит,
Акција плус, Ресен | Визио, Кичево | Евротинк – Центар за европски стратегии | KХАМ, Делчево | Младински културен центар, Битола | Младински образовен форум | НВО Инфоцентар | Организација на жени, Струмица | Пактис, Прилеп | Патокази, Гевгелија | ПРОЕКТ-ЕУ, Кавадарци | Регионален центар за одржлив развој, Кратово | Факултет за работи што не се учат | Фондација Метаморфозис | Фондација Отворено општество – Македонија |Фондација Фокус, Велес | Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија | Центар за одржлив развој на заедницата, Дебар | Центар за современи уметности | ЏЕФ Македонија“

Би можело да ве интересира

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

Орце Костов

Фридом Хаус изразува длабока загриженост за списокот со невладини организации на српските власти

Жарко Настоски

Српските власти бараат проверка на сметките на десетици новинарски здруженија и невладини организации

Жарко Настоски

Во Битола саем на невладини организации

Ана Ололовска

Невладини бараат оставка од Спасовски и од директорите на УБК и Агенција за разузнавање поради бегството на Груевски

Наум Локоски

Невладини организации бараат повлекување на предлог измените на Законот за јавни претпријатија

Ана Ололовска