Унапредување на здравјето и пристапот до здравствената заштита за граѓаните, давањето поттик и насоки за детални активности кои се неопходни за постигнување напредок во областа на здравството, е целта на документ насловен „Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи“ во делот на областа здравство, кој денеска го презентираа претставници на неколку граѓански организации, а кој ќе биде испратен до сите релевантни институции.
Борјан Павловски, координатор на програмата „Јавно здравје и здравје на жените“ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ денеска на средба со новинари рече дека за областа здравство даваат низа предлози за системски реформи, унапредување на здравствениот систем и здравствената заштита. Посочи дека се дадени општи препораки за унапредување на системот со посебен осврт на ранливите групи, како што се припадниците на ромската заедница, лицата со ХИВ/СИДА, корисниците на дроги, лицата со хронични заболувања, ретки болести, трансродовите лица…
Тој истакна дека даваат предлози и мерки за унапредување на пристапот до лекови, за вклучување на граѓанските организации како даватели на одредени здравствени услуги, овозможување здравствено осигурување за сите, соодветен и стручен кадар за обезбедување здравствена заштита и унапредување на дијагностиката.
– Инсистираме на вклучување на граѓанските организации и здруженијата на пациенти во креирањето на политиките на Министерството за здравство и здравствените политики воопшто и во процесот на мониторингот на спроведувањето на политиките. Се залагаме за соодветно буџетирање на сите здравствени политики. Стратегијата „Здравје 2020 не беше преточена во Акциски план“. Постојат многу такви здравствени политики кои не се преточени во конкретни акциски планови, рече Павловски.
Потенцира дека, иако според законот, сите треба да бидат опфатени со здравственото осигурување, околу 15 отсто од здравствената популација не е опфатена и поради тоа предлагаат конкретни мерки.
Тој нагласи дека предлагаат ревизија на законот за прекин на бременост, зајакнување на патронажната служба со кадар, опрема и правилници за работа и алармираат на решавање на проблемот со недостиг на матични гинеколози на целата територија на Македонија.
– Предложените мерки се однесуваат за период од 3, 6, 9 и 12 месеци. Документот ги изразува ставовите на 146 лица, претставници на 73 граѓански организации, додека делот кој се однесува на областа здравство е подготвен од страна на претставници на 12 граѓански организации, додаде Павловски.