ВИДЕО: Граѓански иницијативи бараат ревизија на студиите и измени на Законот за минерални суровини

Од:

Граѓанските иницијативи против отворањето на рудници штетни за здравјето на населението и Демократската обнова за Македонија предлагаат во Македонија да се направи ревизија на сите студии за влијанието врз животната средина и измени на Законот за минерални суровини.

Според претседателката на Демократската обнова на Македонија, Лилјана Поповска, за рудниците Иловица и Казандол се склучени договори под многу сомнителни услови и не е испочитувано она што е договорено.

– Документацијата којашто досега ни е дадена на увид јасно покажува дека за рудниците Иловица и Казандол се склучени договори под многу сомнителни услови и тоа што е договорено, не се почитува. Има целосна основа, Владата како една страна од концесијата, да ги прекине договорите без да сноси последици за тоа. Дури за штетите кои досега се направени со ископувањата, ќе треба концесионерите да и плаќаат на државата, изјави Поповска пред денешната меѓународна конференција „ДОМ и европските Зелени против рудниците на смртта“.

Покрај ревизијата на студиите за влијанието врз животната средина, Поповска смета дека треба да се преиспитаат и лиценците на сите консултантски фирми кои ги изработиле студиите за влијанието врз животната средина.

Ангел Наков од Граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ посочи дека Европската заедница ги забранува методите за користење на цијанид и сулфурна киселина во постапката на лужење кај рудниците за бакар и злато и затоа смета дека она што Македонија треба прво да го направи е да го смени Законот за минерални суровини.

Во рудникот Казандол првпат по две ипол години е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина од каде во следниот период се очекува информација за состојбата со овој рудник.

– Во следниот период ќе ги имаме резултатите и ќе бидат доставени на јавноста. Ќе се направи информација до Владата и ќе се преземат сите законски мерки како во однос на прекршувањето на договорот, така и во однос на заштитата на животната средина, истакна директорот на Инспекторатот за животна средина Мирослав Богдановски, додавајќи дека постојката за катоден бакар требало да биде изградена за две години, но оти засега се поставени само темелите.

Борислав Сандов координатор на Балканската зелена мрежа, кој присуствува на денешната конференција, посочува дека проблемот со рудниците кои имаат штетно влијание врз здравјето на луѓето не се однесува само на Македонија, туку на целиот Балкан.

– Трите референдуми во Бугарија и шесте референдуми во Македонија покажуваат дека граѓаните сакаат животна средина која ќе биде добра за нив и за нивните деца. Не може да наброиме еден град во светот каде има рудник и кој има бенефит од тоа така што кога зборуваат дека ќе има развој на економијата и нови работни местам тоа е само за пет до десет години, а потоа веќе немаме ништо, само пустина, вели Сандов.

Меѓународната конференција посветена на рудниците што се одржува во Скопје ја организираат ДОМ и Зелениот институт.

Би можело да ве интересира

Кој е најголем добитник од рудниците: Државата, локалните жители или инвеститорите

Предраг Петровиќ

Еко-манипулација: Новите рудници ќе работат под еколошки стандарди и се ќе биде чисто, зелено и еколошки

Предраг Петровиќ

ДОМ: Се противиме на промени во урбанистичкото планирање на брза рака

ДОМ: Интеграција наместо сегрегација

Вонреден конгрес на ДОМ – до локалните избори партијата ќе има в.д. раководство

Претседателката на ДОМ поднесе оставка

Горан Наумовски