Градоначалникот на Велес од граѓаните бара совети за штедење, а во истовреме одобрува привремени вработувања

Од:

Додека трае консултацијата со граѓаните и доставувањето предлози како општината да заштеди на струја во пресрет на грејната сезона, градоначалникот на Велес, Марко Колев, ќе ги преземе првите мерки за штедење кратејќи пари во најголемиот дел од ставките, но не и за привремените вработувања.

Претседателот на Советот, Зоран Љутков, им го достави на советниците дневниот ред за седницата на 30 август на која ќе се расправа за ребалансот на расходите.

Нови 250.000 денари од буџетот се префлаат за привремени вработувања за до крајот на 2022 година.

„Со оваа одлука за измена на распоредот на средствата на буџетот на Општина Велес за 2022год , се врши пренамена на средствата во колоната за буџет. Се пренаменуваат 250.000,00 ден од Програма Д00-Градоначалник од конто 464940 – Трансфери при пензионирање во Програма Е00 Општинска администрација, на конто 427110- Привремени вработувања. Исто така се пренаменуваат 2.000.000,00 ден. од Програма Е00- Општинска администрација, конто 401-Основни плати и конто 402- Придонеси за социјално осигурување, во Програма А00-Совет на општина на конто 464990-Други трансфери. Овие средства ќе се трансферираат на ЈП ПАРК-СПОРТ И ПАРКИНЗИ Велес врз основ на барање бр.05-99/1 од 12.08.2022год за исплата на фактура за јавно осветлување за период 28.6.2022 до 31.7.2022година“, стои во предложената одлука на Општината.

Два милиони денара Општината ќе префрли на ЈП Парк Спорт за плаќање на јавното осветлување за јули.

Општината планира за 2023 година да вработи 28 нови лица со што вкупната бројка на вработени ќе биде 147 лица.

Општината ќе го зголеми буџетот за Велешка питијада од 5.000 евра на 40.000 евра, а ќе се скратат 20.000 евра од програмата за животна средина.

Овие бројки им се достапни на советниците по два дена откако Колев објави повик до граѓаните кои во следниот период треба да му кажат како да се одржи кондицијата на буџетот затоа што загубите на Општина Велес поради високите сметки за електрична енергија изнесувале околу 500.000 евра.

„А1он“ го праша градоначалникот што конкретно очекува од повикот до граѓаните и што општината како институција ќе предложи за намалување на високите сметки.

„Иако во Општината има стручни лица, сепак, никогаш не е вишок да се слушне мислење плус. Токму тоа и го очекуваме и се надеваме на суштински предлози кои подоцна ќе бидат преточени во конкретни решенија. Во моментов се врши истражување на сите можности и алтернативи, се консултираме со други општини, гледаме позитивни примери, па по завршување на овој процес ќе излеземе со конкретни предлози. Веќе претходно согласно сите законски прописи и со одлука на совет се префрлија броилата од Општина Велес на ЈП Парк спорт и паркинзи, со што се вративме на регулиран пазар, а тоа придонесе за огромна заштеда на буџетски средства“, одговорија од кабинетот на Колев.

Од Општината велат дека немаат заостанат долг за струја и сите сметки се подмирени. Моменталниот долг се однесува само на тековните сметки, и е во износ од околу 3,9 милиони денари или околу 65.000 евра.

Би можело да ве интересира

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Струмичани ќе се возат во јапонски автобуси од 700.000 евра

Орце Костов

Граѓаните кои пријавиле каснување ќе мора да го опишат кучето: Општина Велес ќе ги вештачи сомнителните случаи

Орце Костов

Истражување: Дел од општините имаат неважечки Генерални урбанистички планови

Орце Костов

„Кепс Монт“ нема да ја преработува троската од Топилница: Градоначалникот на Велес не ја потпиша Б – интегрираната еколошка дозвола

Орце Костов

Во инфлација штедачите поминуваат најлошо, а оние што купиле стан на кредит најдобро, сметаат аналитичарите

Орце Костов