(ВИДЕО) Цело село во црвена зона поради еден објект: Жители на Горно Врановци не можат да си ги легализираат куќите повеќе од една деценија

Од:

Сопственици на околу 50 нови куќи во Горно Врановци, општина Чашка повеќе од една деценија не можат да си ги легализираат своите домови. За разлика од дивоградбите на реката Бабуна кои се градени на узурпирано државно земјиште, овие куќи се наоѓаат во дворните места непосредно до старите дотраени објекти, а иако имаат и поднесено барање за легализација, сопствениците се уште чекаат на позитивно мислење од Министерството за култура.

Нивните куќи се во близина на Музејот на Горно Врановци, односно целото село е во црвената зона на заштитеното културно историско подрачје.

– Околу 50 куќи не се легализирани. Причината е што селото е во црвена зона поради шест објекти во Музејот на Горно Врановци. Предметите ни се во општината која бараше мислење од транспорт и врски и од министерството за култура. Мислењата беа негативни затоа што 90% од куќите што се градени се во црвена зона. Имаше барања за легализација поднесени и пред Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Откако се донесе овој закон сите барања се одбиени поради таа причина.

Сегашниот градоначалник изработи елаборат за селото со цел да се променат зоните на заштита, но разликата е многу мала. Најлесно е да се легализира во трета зона, а некои од нас живееме на 30 метри од музејот. Луѓето не можеа да добијат ниту приклучок за струја, но општина Чашка даде потврда дека објектите се во постапка на легализација, а ЕВН го признаваше тоа. Тешко е во 21 век куќа да градиш, а да немаш струја или да имаш куќа а да немаш имотен лист. Тоа е како да немаш ништо. Повеќето од куќите се градени врз државно земјиште. Имаме стара куќа со имотен лист, таа има двор, но според катастар тука нема пат и не можам да дојдам до неа – велат за „А1он“ од семејството Максути кое е буквално сосед со куќата Музеј на Горно Врановци во која се отпечатил првиот број на весникот „Нова Македонија“, а партизанското движење во Втората светска војна тука ги носело политичките одлуки.

Спомен куќата ја симболизира народноослободителната војна и тоа го почитуваат жителите, но бараат да ги легализираат градбите и да си ги платат сите давачки кон државата.

Градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски за „А1он“ истакна дека е направен но елаборат за да се стеснаат појасите на заштита за да може да се ослободи 60% од селото, но не знае дали ќе може да се легализираат ако се поднесе ново барање.

– Бидејќи немало заштитни појаси на тие културни споменици од државно значење, најлесно било во тој период да се заштити целото село како подрачје. Ние како општина со министерството за култура и Национален конзерваторски центар направивме елаборати и ние тие појаси ги стеснивме. Последно што знам е дека требаше од Нациналниот конзерваторски центар да имат некоја комисија која имаше забелешки. Дали ќе може да се легализираат повторно со барање немајќи сега закон тоа не знам, но ние ќе пуштиме допис до министерството за транспорт досега кое ги одбиваше сите барања со негартивен одговор дека цело село е заштитно подрачје. Сега што ќе се случи со овие појаси со што ќе се ослободи 60% од селото. Државата требало порано тоа да го реши, оти не може цело село во радиус да го држиш. Во ред, не е спорно дека треба да се заштитат спомениците, но требало да се направи елаборат – рече Стојановски.

Од министерството за култура одговорија дека правната заштита споменичката целина Горно Врановци се спроведува со согласност со Елаборатот за ревалоризација на целината и надлежен да постапи по него е Националниот конзерваторски центар – Скопје и Управата за заштита на културното наследство.

Национален конзверваторски центар изработил елаборат за ревалоризација каде што ја намалил границата за опфат и сега тие жители кои се засегнати со дивоградби можеби и не влегуваат.

– Тоа помина на Национален совет пред неколку месеци како елаборат за Горно Врановци, но во 2023 немаме барања од Врановци немаме за да постапиме по него. Ние едноставно решаваме дали објектот го нарушува изгледот на споменичката целина каде има строга заштита и имаме контактна зона во која полиберална е заштитата во коај се дозволува доградба, надградба. Сега бидејќи има ново решение за заштита на споменичката целина во Горно Врановци, може ќе треба сега да бидат обновени тие барања до Управата и да се види дали тие баратели се засегнати согласно новоутврдените граници. Таков елаборат има општината и таа треба да знае кој од тие баратели се засегнати, а кои не се, затоа што претходно цело село беше ставено во зона – објасни Цветанка Хаџи Пецова од Конзерваторскиот центар.

Таа вели дека општина Чашка треба да си ги процесуира случаите и врз основа на нивниот заклучок како институција да носи одлука за легализација. Апелираше и до институциите да бидат проактивни и да ги запознаат граѓаните што се носи како одлука и да не се создаваат табу теми што смее а што не смее да се работи.

– Кога правиме валоризација на споменичка целина, да се одржи состанок со тие што се засегнати, што значи оваа заштита. Ние само забрануваме, а не информираме што значи тоа, дека тоа не е толку страшно. Јас бев на работилница и француските експерти со месеци престојуваат во некоја општина село каде што се подготвува таква заштита, кај нас таа комуникација со имателите на културените добра недостасува, да им дадеме насоки што би правеле при реконструкција. Креираме табу тема со „не смееш ова, не смееш тоа“, и после граѓаните на своја рака работат – додаде Хаџи Пецова.

Би можело да ве интересира

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Струмичани ќе се возат во јапонски автобуси од 700.000 евра

Орце Костов

Истражување: Дел од општините имаат неважечки Генерални урбанистички планови

Орце Костов

Левица: Дивоградбите во Гази Баба недопирливи веќе два мандати

Два парка и намален број на станбени површини во Лисиче: Општина Аеродром подготви трета верзија на ДУП-от

А1он

Општина Велес нема да ги урива дивоградбите на Бабуна, ќе спречува да никнуваат нови

Орце Костов