Граѓаните кои пријавиле каснување ќе мора да го опишат кучето: Општина Велес ќе ги вештачи сомнителните случаи

Од:

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев и претставници на СВР Велес и ЈЗУ Општа болница разговараа за големиот број на пријави од страна на граѓани каснати од улични кучиња и одлучија во иднина во иднина сите сомнителни случаи на каснување на куче Општина Велес ќе ги даде на понатамошно вештачење.

Кога секој граѓанин, каснат од куче, ќе отиде во болница, случајот задолжително ќе биде пријавен во МВР – СВР Велес. Службени лица ќе вршат информативен разговор со лицето каснато од куче, кое треба да го наведе местото на инцидентот и да даде опис на кучето. По службена должност ќе се фотографираат и нанесените повреди од каснувањето.

Ваквите мерки се должат на сè позачестените пријави на граѓани каснати од улични кучиња.

„А1он“ неодамна пишуваше дека дел од советниците во општината, граѓани и организации за заштита на животните се сомневаат дека има разработена шема на заработка од исплата по основ на обесштетување за каснување на граѓани од бездомни кучиња.

Сомнежите за организирана спрега за профит се појавија после информациите дека Општина Велес исплатила 95.000 евра оштета на граѓани каснати од кучиња за 2022 година што е рекордна исплата од Буџетот на општината по овој основ, односно 20.000 евра повеќе од 2021 година.
Во 2022 година биле каснати 71 лице во Велес или во просек општината на секој граѓанин му платила близу 1.400 евра оштета по основ на спогодба или по основ на загубена тужба.

За споредба, во 2020 година биле исплатени 45.000 евра, во 2019 година 2,3 милиони денари или нешто помалку од 40.000 евра, а во 2018 година 1,6 милиони денари или 26.000 евра. Вкупно за последните пет години граѓаните наплатиле околу 280.000 евра од Буџетот на Општина Велес.

На адреса на општината секојдневно пристигнуваат тужби од граѓани кои се каснати од кучиња и тоа е поткрепено со медицинска документација и пријава од МВР како докази кои најчесто се доволни за судска пресуда во корист на граѓаните.

Овие граѓани ги застапуваат исти адвокати, а простор за сомнеж има и во делот на собирање на мединските докази затоа што се случува истовремено доктор од Општа болница Велес кој го прегледал лицето каснато од куче и дал лекарско уверение да го прави и наодот од вештачење.

Градската власт на прес-конференција обвинуваше дека буџетот е оптеретен поради исплатите за оштета кои завршуваат кај одредена категорија на граѓани кои го злоупотребуваат законот.

Во најголем број во пријавите оние граѓани кои лажираат истакнуваат дека се каснати од куче скитник затоа што знаат дека општината е надлежна за нив како институција иако повредите може да се добиени и од домашен миленик.

Би можело да ве интересира

„Кепс Монт“ нема да ја преработува троската од Топилница: Градоначалникот на Велес не ја потпиша Б – интегрираната еколошка дозвола

Орце Костов

Советот против албанска паралелка во велешката гимназија: Шаќири може да му ги одземе ингеренциите

Орце Костов

Општина Велес нема да ги урива дивоградбите на Бабуна, ќе спречува да никнуваат нови

Орце Костов

Дива населба во долината на Бабуна : Гето од дивоградби кое ниту може да се урне, ниту може да се легализира

Орце Костов

МВР: Ќе биде поднесена соодветна пријава за мажот кој уби седум кучиња во Струга

Горан Наумовски

Едномесечен притвор за газдарицата на кучињата кои го убија Владан Радосављевиќ